Убавина

Убавината е одлика на некое животно, идеја, објект, личност или место која дава восприемачко искуство на задоволство. Убавината се изучува во естетиката, културата, социјалната психологија, филозофијата и социологијата. "Идеална убавина" се однесува на субјект кој предизвикува восхитување или кој поседува одлики кои широко и се припишуваат на убавината во одредена култура.

Розетен прозорец во Богородичната црква во Париз. Во готската архитектура, светлината се смета за најубавото откровение на Бога.

Убавото во главно се дефинира како одлика на едно нешто кое низ сетилно (восприемање) или умствено искуство пробудува чувство на задоволство или чувство на пријатност и допадливост. Во оваа смисла, убавината произлегува од нешта како формата, визуелноста, движењето или звукот. Она што го нарекуваме „убаво“, честопати се однесува на чувството кое се создава кај човекот од страна на предмети кои го имаат квалитетот на „убавината“, која пак се однесува на одликите на еден предмет.

Доживувањето на "убавината" често вклучува и интерпретација на некој субјект како во рамнотежа и во хармонија со природата, што може да доведе до чувство на привлечност и емоционална добросостојба. Бидејќи ова може да биде субјективно искуство, често се вели дека "убавината е во очите на набљудувачот."[1]

Разликата помеѓу она што е убаво и она што не е убаво варира од епоха до епоха и зависи од секоја личност засебно. Со други зборови, постојат различни толкувања на поимот од страна на различни мисловни школи и култури, кои можат видно да се разликуваат од она што вообичено на македонски се нарекува „убаво“.

Стари Грци

Класичната грчка именка што најдобро се преведува во зборовите "убавина" или "убаво" беше κάλλος, kallos, а придавката беше καλός, kalos. Сепак, kalos може исто така да се преведе како "добро" или "со добар квалитет" и на тој начин има пошироко значење отколку само физичка или материјална убавина. Слично на тоа, зборот kallos беше користен различно од зборот убавина бидејќи првично и главно се однесувал на луѓето и носел еротска конотација.[2]

На коинскиот јазик зборот за убаво беше ὡραῖος, hōraios,[3] придавка која етимолошки доаѓа од зборот ὥρα, hōra, што значи "час".[4] Во атичкиот јазик, hōraios имаше многу значења, вклучувајќи ги "младешко" и "зрела возраст".

Најраната западна теорија за убавината може да се најде во делата на раните грчки филозофи од претсократскиот период, како што е Питагора. Питагоровата школа сметала дека има силна поврзаност меѓу математиката и убавината. Особено, тие истакнале дека објектите со златен пресек изгледале поатрактивни.[5] Древната грчка архитектура е врз основа на ова гледиште за симетричноста и пропорционалноста.

Платон за убавина ја сметал Идејата (Формата) над сите други Идеи.[6] Аристотел сметал дека има поврзаност меѓу убавото (to kalon) и доблеста, тврдејќи дека "Доблеста ја има за цел убавината."[7]

Класичната филозофија и скулптурите на мажите и жените создадени според постулатите на старогрчките филозофи за идеалната човекова убавина биле повторно откриени во ренесансата во Европа, што довело до реадаптација на она што стана познато како "класичен идеал". Во однос на женската човекова убавина, жена чиј изглед е во согласност со овие начела сè уште е наречена "класична убавица" или се вели дека поседува "класична убавина". Темелите поставени од страна на грчките и римските уметници исто така приложи кон стандардот за машка убавина во западната цивилизација. За време на готскиот период, класичниот естетички канон на убавината беше одбиен како грешен. Подоцна, мислителите од ренесансата и хуманизмот го отфрлиле ова гледиште и ја сметале убавината за производ на рационално распоредување и хармонични пропорции. Ренесансни уметници и архитекти (како што се Џорџо Вазари во неговиот "Живот на уметниците") го критикувале готскиот период како ирационален и варварски. Ова гледиште за готската уметност траеше до Романтизмот, во 19 век.

Просветителство

Раѓањето на Венера, од Сандро Ботичели. Божицата Венера е класична персонификација на убавината.

За време на Просветителството се забележува пораст на интересот за убавината како филозофска тема. На пример, Шкотскиот филозоф Френсис Хучесон тврди дека убавината е „единство на разновидноста и разновидност на единството“.[8] Романтичарските поети исто така почнале доста да се занимаваат со природата на убавината, за која Џон Китс вели:

Убавината е вистина, вистината убавина, — тоа е сè.
Вие знаете на земјата и сè што треба да знаете.

Според Гете, убавото е прафеномен и никогаш не се појавува само, но неговиот отсјај се гледа низ илјадници манифестации на творечкиот дух при што убавото е многукратно и разновидно како самата природа.[9]

Романтичарски период

Во романтичарскиот период Едмунд Берк сугерира дека постои разлика помеѓу убавината во нејзината класична смисла и возвишеното. Концептот за возвишеното, како што бил објаснет од Берк и Кант, предложил гледање на готската уметност и архитектура, иако не се во согласност со класичниот стандард за убавината, како на нешто возвишено.

Од 20 век

Во 20 век се зголеми одбивањето на убавината од уметниците и филозофите, кулминирајќи во постмодернистичката анти-естетика.[10] Ова е и покрај тоа што убавината беше централна тема за еден од главните влијанија на постмодернизмот, Фридрих Ниче, кој тврди дека Волјата за Моќ е Волја за Убавина.[11]

По последиците од постмодернистичкото одбивање на убавината, мислителите се вратиле кон убавината како значајна вредност. Американскиот аналитички филозоф Гај Сиркело ја предложи неговата Нова Теорија за Убавината како обид да се врати статусот на убавината како важен филозофски концепт.[12][13] Елејн Скери тврди дека убавината е поврзаната со правдата.[14]

Убавината е исто така изучувана од страна на психолози и невролози во областа на експерименталната естетика и невроестетиката соодветно. Психолошките теории ја сметаат убавината за форма на задоволство.[15][16] Наодите за корелација го поддржуваат ставот дека поубавите предмети се исто така попријатни.[17][18][19] Некои студии укажуваат на тоа дека доживувањето на повисоката убавина е поврзано со дејност во медијалниот орбитофронтален кортекс.[20][21] Овој пристап на локализирање на обработката на убавината во еден регион од мозокот бил критикуван во рамките на ова поле.[22]

Човекова убавина

Фреска на римска жена од Помпеја, околу 50 година од н.е.

Карактеризацијата на лице како "убаво", без разлика дали на поединечна основа или од страна на консензус од заедницата, често е врз основа на некоја комбинација од внатрешната убавина која вклучува психолошки фактори како личност, интелигенција, благодат, учтивост, харизма, интегритет, конгруенција и елеганција и надворешната убавина (односно физичка привлечност) која вклучува физички атрибути кои се со вредност од естетска основа.

Стандардите за убавина се менуваат со текот на времето, врз основа на промената на културните вредности. Историски гледано, сликите покажуваат широк спектар на различни стандарди за убавина. Сепак, луѓето кои се релативно млади, со мазна кожа, добро-пропорционални тела и обични одлики, традиционално се сметале за најубави низ текот на историјата.

Силен индикатор за физичката убавина е "просечноста".[23][24][25][26][27] Кога слики од човечки лица заедно формираат композитна слика, тие се прогресивно поблиску до "идеалната" слика и се гледаат како попривлечни. Ова беше прво забележано во 1883 година, кога Френсис Галтон поклопи фотографски композитни слики од лица на вегетаријанците и криминалците за да се види дали постои типичен изглед на лицето за секој од нив. Кога го направил тоа, тој забележал дека композитните слики биле поатрактивни во споредба со која било од поединечните слики.[28] Researchers have replicated the result under more controlled conditions and found that the computer generated, mathematical average of a series of faces is rated more favorably than individual faces.[29] Истражувачите го реплицирале резултатот под поконтролирани услови и откриле дека компјутерски генерираната, математички просечната серија на лица е попозитивно оценета од поединечните лица.[29] Се тврди дека еволутивно поволна е атракцијата кон личности кои поседуваат претежно слични или просечни одлики, бидејќи тоа укажува на отсуство на генетски или стекнати дефекти.[23][30][31][32] Исто така постојат докази дека преференцијата за убави лица се јавува рано во детството и дека правилата според кои атрактивноста е одредена се слични помеѓу различни полови и култури.[24][33][34][35][36]and that the rules by which attractiveness is established are similar across different genders and cultures.[37][38][38]

Луѓето се под влијание на сликите кои тие ги гледаат во медиумите при утврдувањето на она што е или не е убаво. Некои феминисти и лекари сугерирале дека многу тенките модели вклучени во списанијата промовирале нарушувања во исхраната[39] и други се согласиле дека доминантноста на белите жени во филмовите и рекламите доведува до евроцентричен концепт на убавина, чувства на инфериорност кај жените од другите раси[40] и интернализиран расизам.[41]

Културното движење Black is beautiful бара да се отфрли ова верување.[42]

Фатима Лоди, млад застапик на разновидност и анти-колоризам од Пакистан, тврди дека "Убавината постои во сите облици, бои и големини".[43]

Концептот за убавина кај мажите е познат како 'bishōnen" во Јапонија. Bishōnen се однесува на мажите со посебно женствени особености, физички одлики кои ги воспоставуваат стандардите за убавина во Јапонија и обично се изложени во нивните попкултурни идоли. Мултибилиондоларска индустрија на јапонски естетски салони постои поради оваа причина.

Ефекти врз општеството

Кинескиот жадски украс со цветен дизајн, џинска династија (1115-1234 година од н.е.), Шангајски музеј.
Ноќно небо во Атакама. Концептот за ноктцеладор опишува емоционална приврзаност кон, или обожување на ноќното небо.[44]

Убавината претставува стандард за компарација и тоа може да предизвика лутина и незадоволство кога не се остварува. Луѓето кои не се вклопуваат во "идеалната убавина" можат да бидат поизолирани во рамките на нивните заедници. Телевизиската серија Грдата Бети го отсликува животот на една девојка која се соочува со тешкотии поради ставовите на општеството кон оние коие се сметаат за непривлечни.

Истражувачите откриле дека студентите кои биле сметани за поубави добивале повисока оцена од своите наставници од учениците со обичен изглед.[45] Некои студии покажаа дека физички привлечните обвинети имале помала веројатност да бидат осудени и ако биле осудени добиле полесни казни—од помалку атрактивните (иако спротивен ефект беше забележан кога наводниот криминал е измамник, можеби бидејќи граѓаните сметале дека атрактивноста на обвинетиот придонесе за криминалот).[46] Студии кај тинејџери и млади возрасни лица, како што се оние на психијатарот и авторот Ева Ритво, покажуваат дека кондициите на кожата имаат големо влијание врз социјалното однесување и можностите.[47]

Колку пари лицето заработува исто така може да биде под влијание на физичката убавина. Една студија покажа дека луѓето со ниско ниво на физичка привлечност заработувале 5 до 10 проценти помалку од обичните луѓе кои пак заработувале 3 до 8% помалку од оние кои се сметале за убави.[48] Во однос на пазарот на кредити, најмалку привлечните луѓе имале помала веројатност да добијат одобренија.[49]

Дискриминацијата против лица врз основа на нивниот изглед е позната како лукизам.[50]

Дефиниции на убавината

Свети Августин рекол за убавината: „Убавината е навистина добар дар од Бога; но за добрите да не ја сметаат за најголемо добро, Бог ја дава дури и на злите.“[51] Според Џакомо Леопарди, убавината е релативна и делумна.[52] Филозофот и писателот Умберто Еко ги напишал делата За убавината: историја на западната идеја (2004)[53] и За грдоста (2007).[54] Еден лик во неговиот роман Името на розата изјавува: „три нешта се појавуваат при создавањето на убавината: првично интегритет или совршенство и поради оваа причина ние ги сметаме за грди сите нецелосни работи; потоа соодветна пропорционалност или консонанца; и, конечно, јасност и светлина“, како и дека „глетката кон убавото подразбира мир“.[55]

Во есејот „За поетот“, српскиот поет Јован Дучиќ вели дека вкусот за убавото делумно е вроден во секој човек, зашто дури и примитивниот човек почнал да слика на ѕидовите на пештерите пред да знае да зборува.[56] Сепак, денешната смисла за убавината е производ на минатите векови, т.е. дека историјата на уметноста довела до определени заеднички сведоштва во однос на убавината, а таа дури поставила и некои мерила, принципи и догми. Оттука, денес, различните народи кои припаѓаат на истата култура имаат речиси исти принципи и за убавината. Поради тоа, она што се смета за убаво на еден континент, истовремено се смета за убаво и на другите континенти. Според него, формулата за убавото ја дале старогрчките уметници и под убаво се подразбира она старото грчко убаво. Освен убавото на грчки начин, постои и бизарното како убаво и дивјачкото како убаво, па и простачкото како убаво. Но, апсолутното убаво, тоа е само она грчкото - убавина во хармонијата.[57]

Убавината како тема во уметноста и во популарната култура

  • „Конкурс за машка убавина“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[58]
  • „Убавината“ - песна на македонскиот поет Ацо Шопов.[59]
  • „Ах таа убавина“ - песна на македонскиот поет Ацо Шопов.[60]
  • „Познавање на убавината“ (англиски: Knowledge of Beauty) - песна на англиската рок-група Dexys Midnight Runners од 1985 година.[61]
  • „Природна убавина“ (англиски: Natural Beauty) - песна на американскиот рок-музичар Нил Јанг (Neil Young) од 1992 година.[62]
  • „Убавина“ (англиски: Beauty) — песна на американската рок-група Мит папетс (Meat Puppets) од 1987 година.[63]
  • „Кралица на убавината“ (англиски: Beauty Queen) - песна на британската рок-група Рокси мјузик (Roxy Music) од 1973 година.[64]
  • „Убавината лежи во очите“ (англиски: Beauty Lies In The Eye) - песна на американската рок-група Соник Јут (Sonic Youth) од 1987 година.[65]

Поврзано

Надворешни врски

Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Наводи