Технички преглед на возила – постапка пропишана од државни или локални власти во многу земји, во кои се врши технички преглед на возилото за да се осигура дека истото е во согласност со прописите за безбедност и загадување (емисија на издувни гасови, бука). Техничкиот преглед на возилото најчесто е периодичен, но може да биде вонреден или при пренесување на правото на сопственост на возилото. Вообичаен период за технички преглед на возилото е на година или две години и истиот се извршува во станици за технички преглед кои ги задоволуваат пропишаните услови во поглед на поставеност, опременост и функционирање.
Периодичниот технички преглед се врши заради проверка на техничка исправност на сите моторни и приклучни возила и воедно претставува предуслов за регистрација и задолжително осигурување на возилото. Целта на овој преглед е да се спроведе контрола на техничката исправност на возилата и намалување на влијанието на техничката неисправност на возилата во сообраќај на пат, односно зголемување на општата безбедност на патиштата.[1]
По успешно завршен технички преглед, во многу земји возилото добива налепница со месец и година на извршен преглед, за да се поедностават контролите.
Постои дискутабилност околу тоа дали периодичното испитување на моторните возила е економичен начин за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.[2][3][4] Неодамнешна анализа на промените во постапките за безбедносен преглед во Соединетите Американски Држави го обновија сомнежот за делотворноста на овие прегледи.[5]
Во Македонија првиот технички преглед, во зависност од видот на возилото, се извршува една, две или четири години по првата регистрација.
Периодичните технички прегледи на возилото се извршуваат на 6 месеци, година дена, две или четири години.