Суводол (Битолско)

село во Општина Новаци, Македонија

Суводол — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.

Суводол

Преостаната куќа во атарот на селото

Суводол во рамките на Македонија
Суводол
Местоположба на Суводол во Македонија
Суводол на карта

Карта

Координати 41°3′54″N 21°32′4″E / 41.06500° СГШ; 21.53444° ИГД / 41.06500; 21.53444
Регион Пелагониски
Општина Новаци
Население0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.7211
Повик. бр.047
Шифра на КО02114
Надм. вис.650 м
СлаваМала Богородица
Суводол на општинската карта

Атарот на Суводол во рамките на општината
Суводол на Ризницата

Денес, селото е целосно раселено, бидејќи атарот на селото претставува дел од истоимениот рудник, главниот рудник на РЕК „Битола“.

Потекло и значење на името

Името на селото е добиено по сувиот дол, кој се протегал низ село и имал вода само кога ќе заврнел пороен дожд.[2]

Географија и местоположба

Поглед на истоимениот рудник

Селото се наоѓа во источниот дел на Битолското Поле, сместено во западниот дел на територијата на Општина Новаци, недалеку од регионалниот пат 1311, кој води за Битолско Мариово.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 650 метри. Од градот Битола е оддалечено 19 километри.[3] Селото се наоѓа на западните падини на Селечка Планина.

Селото се наоѓа во источниот дел на Пелагонија, помеѓу селата Долно Орехово, Мегленци, Паралово и Врањевци. На средината на селото се наоѓала главна чешма, со која се служеле мештаните. Во селото имало и бунари.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дабица, Долги Рид, Крпачица, Печеа Ливада, Алилов Рас, Корија Вакафска, Прди-Камен, Ѓорев Рид, Тури-Гра, Кладенчиња, Садина, Калев Дол, Стари Лозја, Музги, Брајанец, Шуплевец, Косматка, Солишта, Топли Дол, Бубаќарка, Крив Камен и Чегалица.[4]

Селото имало збиен тип. Одредени делови од селото биле наречени по родови, а на средина се наоѓало широко сретсело.[4]

Историја

Спомен-плочи во Суводолскиот манастир за историјата на селото и манастирот

Атарот на селото потврдува дека живот на просторот постоел многу одамна, па така лево од Суводолска Река се наоѓа познато археолошко наоѓалиште, каде постоела античка населба со базилика. Била пронајдена и гробница од праисторискиот период.[4]

Во народот се говори дека Суводол спаѓа во најстарите села во Битолско. Се велело дека од Суводол до Буково (село кај Битола) немало друго село и атарите на двете села се граничеле кај Црна Река. Дури подоцна во низината помеѓу двете села биле основани другите села.[4]

Првпат селото било споменато во турски пописни дефтери во XVII век (по 1650 г.).[4]

После Илинденското востание, на почетокот на 1904 година целото село потпаѓа под водството на Бугарската егзархија.

Селската црква и самото село настрадале во Првата светска војна, а подоцна биле обновени.[4]

Селото било целосно раселено во 1978 година, кога селската црква „Рождество на Пресвета Богородица“, подигната во 1860 година, како и најголем дел од атарот на селото станал ископ за истоимениот рудник на РЕК „Битола“. Најголем дел од жителите биле преселени во Битола, во Брусничка Населба, Стрелиште, Горно Оризари и Буковски Ливади.[2]

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 9,2 км2. На него преовладувало обработливото земјиште на површина од 581 хектар, на пасиштата отпаѓале 280 хектари, додека шумско земјиште немало.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

До крајот на отоманскиот период, македонското население не поседувала своја земја и тие работеле како ортаци во чифлиците на битолските бегови. ВО 1912 година имало девет чифлици. Подоцна, селаните ја купиле земјата од Турците, а дел ја добиле со аграрната реформа.[4]

Преку месноста Дабица во минатото водел стариот солунски пат, преку кој оделе натоварени камили.[4]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948407—    
1953496+21.9%
1961550+10.9%
1971479−12.9%
1981430−10.2%
ГодинаНас.±%
1991231−46.3%
199417−92.6%
20022−88.2%
20210−100.0%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Суводол живееле 350 жители, од кои 300 Македонци и 50 Албанци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Суводол имало 176 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Христијанско Суходол се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]

Од Суводол се иселил голем дел од населението и селото преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 550 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 17 жители.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Суводол живееле 2 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година19001905194819531961197119811991199420022021
Население3501764074965504794302311720
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

Суводол е македонско православно село, кое е пред целосно изумирање.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1956 година родови во селото се:

  • Староседелци: Најдовци (11 к.), Митревци (6 к.), Ѓоргијовци (4 к.), Џемаиловци (4 к.) и Корајци (4 к.).
  • Доселеници: Маргерци (13 к.), доселени се од селото Грнчари, Преспа. Го знаат следното родословие: Цане (жив на 31 г. во 1951 година) Петре-Стојче-Марко-Трајче-Петко-Марге, кој се доселил во селото; Ѓорговци (6 к.) и Пројчевци (4 к.), доселени се однекаде; Трајковци (6 к.), Џебовци (5 к.) и Пројчевци (4 к.), порано чинеле еден род, доселени се од Агларци (најверојатно Горно Агларци) и Поповци (4 к.), доселени се во XIX век од селото Паралово, таму се доселени од Грнчари, Преспа.

Иселеништво

Постари иселеници има во селата Ношпал (Цветковци), Добромири (Мајсторовци), Породин (Најдовци), Кравари (Китановци) и во Новаци (Суводолци).[4]

Селото било принудно раселено по 1970-тите години кога отпочнал ископот на рудникот „Суводол“, поради што селаните биле преселени во градот Битола и неговите населби.[2]

Самоуправа и политика

Во XIX век, Суводол било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел на некогашната Општина Новаци.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Новаци.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Суводол, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врањевци, Гнеотино, Горно Агларци, Грумази, Добромири, Долно Агларци, Долно Орехово, Мегленци, Новаци, Ново Село, Паралево, Рибарци и Тепавци. Селото било седиште на некогашната општина Суводол во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Врањевци, Мегленци, Паралово, Грумази, Орехово и Суводол.

Избирачко место

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0167 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Мегленци. Во избирачкото место се опфатени населените места: Арматуш, Мегленци и Суводол.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 62 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 56 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[17]
  • Бројанец — црква од старохристијанско време;
  • Бртви — населба од доцноантичко време;
  • Дибек — гробница од хеленистичко време;
  • Ѓорев Рид — населба од неолитско и доцноантичко време;
  • Ѓорчева Воденица — населба од римско време;
  • Манастирец — базилика од старохристијанско време;
  • Тумба — населба од бронзено време;
  • Туриграв — населба од доцноантичко време;
  • Ума — населба од доцноантичко време; и
  • Шуплевец — населба од бакарно време.
Цркви[18]

Во минатото во селото постоела и главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица“, која била срушена, како и целото село во 1970-тите години.

Манастири
  • Суводолски манастир — манастир од 1931 година, кој бил преселен на северниот рид од вештачкото Суводолско Езеро, откако поради лизгање на земјиштето од ископот на јаглен стариот манастир бил срушен во 1994 година. Во 1996 година бил подигнат денешниот манастир во месноста Браенец
Езера

Редовни настани

Слави

Личности

Родени во или по потекло од Суводол

Наводи

Поврзано

Надворешни врски