Страхил Гигов

Страхил Гигов - Андро (Велес, 16 септември 1909 - Скопје, 19 мај 1999)[1]македонски комунист, учесник во НОБ и висок функционер од времето на комунизмот. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи југословенски одликувања, а на 29 ноември 1953 е прогласен за народен херој на Југославија.[2]

Страхил Гигов
Министер на градежите
На должноста
19 ноември 1947 – 26 октомври 1948
ПретходникТоде Ношпал
НаследникЖивко Брајковски
Лични податоци
Роден(а)16 септември 1909(1909-09-16)
Велес, Солунски Вилает, Османлиска Империја
Починал(а)19 мај 1999(1999-05-19) (возр. 89)
Скопје, Македонија
Награди Орден на народен херој
Потпис

Помеѓу двете светски војни

Гигов станал синдикален активист уште од 1928 година. Член на КПЈ од 1929, а на Месниот комитет во Велес од 1931 година. На 27 декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на три години. Ја издржува целата казна во Сремска Митровица и е ослободен на 27 декември 1937 година.[3] На 1 декември 1938 година повторно накратко е уапсен, но поради протестите организирани во Велес, при неговото спроведување во градот, веднаш е ослободен.[4] Есента 1939 година станува член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, а летото 1940 година уапсен е по третпат. Префрлен е во затвор во Белград, но е ослободен од обвиненијата во септември.[5] Во јануари 1941 година е испратен во концентрационен логор кај Меѓуречје, близу Ивањица, каде останува до распуштањето на логорот на 27 март 1941 година.[6]

НОВ

Кон крајот на 1941 година е секретар на Месниот комитет во Велес. На почетокот на 1942 година е секретар на велешкиот Окружен комитет, а во септември 1942 година повторно е избран за член на новиот Покраински комитет. Заедно со Светозар Вукмановиќ - Темпо, Кузман Јосифовски - Питу и Цветко Узуновски, присуствува на состанокот во Тетово на 19 март 1943 година на кој е формирана Комунистичката партија на Македонија и влегува во нејзиниот прв Централен комитет.[7] Член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, негов член и секретар, како и член на АВНОЈ. Поради неговите активности, окупаторот двапати го осудува на смрт во отсуство.

Учествува на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, на кое е избран за член на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е назначен за повереник за градежништво и соопштенија на Президиумот на АСНОМ, а на 3 ноември за секретар на Президиумот на АСНОМ.[8] На 14 август Президиумот на АСНОМ го избира за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги.[9]

По ослободувањето

Страхил Гигов

По Второто заседание на АСНОМ, на 1 јануари 1945 година е назначен за повереник за индустрија и занаетчиство,[10] а потоа, при изборот на првата влада на Македонија, е назначен за министер за индустрија и рударство. На таа функција останува до 11 февруари 1946 година,[11] по што во август истата година, на Првиот конгрес на Единствените синдикати на Македонија, е избран за претседател на Земскиот одбор.[12] На 19 ноември 1947 година се враќа во Владата на Македонија како министер за градежнишво,[13] а на 26 октомври 1948 година ја напушта оваа функција и станува претседател на Планската комисија.[14] На оваа функција останува до 8 февруари 1950 година, по што на 27 април истата година е избран за член на Сојузната влада како претседател на Комитетот за неметали.[15] Во македонската влада се враќа следната година, на 13 април 1951 година, како министер-претседател на Советот за енергетика, преработувачка и екстрактивна индустрија.[16] Набрзо потоа, на 15 октомври истата година е избран за претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.[17]

Бил член и на Претседателството на СРМ, а на сојузно ниво неколкупати е биран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и на Извршниот комитет на ЦК СКМ, осум години бил член на Сојузниот извршен совет, а потоа бил потпретседател на Сојузното собрание. Бил член и на Советот на федерацијата.

Дела

Страхил Гигов е автор на следниве дела:

  • „Сеќавања“, 1973
  • „Одбрани трудови“, 1979
  • „Со сопствени сили“, 1985

Наводи

Надворешни врски