Смртна казна во Грција

Смртна казна во современа Грција се спроведувала со употреба на гилотина (до 1913 година) или со стрелање. Последен пат била применета во 1972 година за време на воената хунта, а смртната казна била укината во фази помеѓу 1975 и 2005 година.

Историја

Погубувањата за време на Грчката војна за независност биле извршени преку стрелање, иако кога монархијата го вовела Кривичниот законик во 1834 година, обезглавувањето со гилотина станало единствениот начин на погубување.[1] Во 1847 година, тешкотиите при ставањето на гилотина на располагање за секое погубување [2] ја натерало владата да воспостави стрелачки одред како алтернативен начин на извршување. И двата начини се користиле сè додека стрелањето не станало единствено средство за погубување во 1929 година (последното погубување на гилотина се случило во 1913 година). Над 3.000 погубувања биле извршени помеѓу 1946 и 1949 година за време на Граѓанската војна во Грција.[3] Последното погубување било извршено на 25 август 1972 година, кога 27-годишниот Василис Лимберис бил застрелан за убиството на неговата сопруга, свекрвата и двете деца (ги запалил живи во нивната куќа) на островот Крит.[4]

Смртна казна била укината за мирнодопски злосторства освен велепредавство за време на војната со член 7 од Уставот од 1975 година.[5] Претходно, тројца офицери биле осудени на смрт за време на процесите на грчката хунта, но овие казни биле заменети со доживотен затвор од владата на Караманлис.

Во 1997 година Грција го ратификувала Вториот факултативен протокол кон Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, со цел укинување на смртната казна; сепак, била направена резерва со која се дозволува употреба на смртна казна за најтешките злосторства, т.е. велепредавство, извршено за време на војна. Протоколот бр. 6 на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), кој предвидува укинување на смртната казна во мирнодопски услови, бил ратификуван во 1998 година.[6]

Грција ја укинала смртната казна за сите злосторства во 2004 година [7] Во 2005 година, Грција го ратификувала Протоколот бр. 13 кон ЕКЧП, кој се однесува на укинувањето на смртната казна под сите околности.[8]

Партијата Златна зора повикала во 2013 година да се врати смртната казна за имигрантите осудени за насилни злосторства.[9]

Наводи

Надворешни врски