Сливница

село во Општина Ресен

Сливница (познато и како Слимница) — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на источниот брег на Големото Преспанско Езеро.

Сливница

Поглед кон селото и Големото Преспанско Езеро

Сливница во рамките на Македонија
Сливница
Местоположба на Сливница во Македонија
Сливница на карта

Карта

Координати 40°57′32″N 21°04′53″E / 40.95889° СГШ; 21.08139° ИГД / 40.95889; 21.08139
Регион Пелагониски
Општина Ресен
ОбластДолна Преспа
Население170 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.7318
Повик. бр.047
Шифра на КО23037
Надм. вис.996 м
СлаваМала Богородица
Сливница на општинската карта

Атарот на Сливница во рамките на општината
Сливница на Ризницата

Потекло на името

Името на ова село во минатото и денес се јавува во два облика (Сливница и Слимница). Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е топографско, изведено со помош на наставката „-ница“ од апелативот „слива“ што се совпаѓа со преданијата на сливничани. Меѓутоа, можно е името Сливница да потекнува и од одликите на теренот, на пример сливно (ерозивно) подрачје, како што е сливничкото.[2]

Географија и местоположба

Поглед на селото од патот кон Сливничкиот манастир, водите на Големото Преспанско Езеро, како и во левиот горен дел и на островот Голем Град

Селото е сместено на источната страна од Големото Преспанско Езеро, во една од западните пазуви на планината Баба, јужно од нејзиниот разгранок Вево и од левата страна на патот Макази-Маркова Нога. Сместено е на надморска височина од околу 900 метри.[2] Од општинското средиште, градот Ресен, е оддалечено 16 километри.[3] Се наоѓа недалеку од патот Битола - Ресен - Охрид.

Сливница било преместувано. За негова претходна положба се спомнува месноста Шуица на 1,5 километри јужно од денешната, на која сè уште постојат видливи остатоци (црква, гробишта, д-р). Се пренесува сеќавање дека претходната положба била напуштена негде во текот на XVIII век по еден напад на селото од некоја поголема разбојничка група, кога биле убиени повеќе луѓе, а селото било целосно ограбено и запалено. Еден дел од преживеаните жители се населиле во соседното село Арвати, а другиот дел свои огништа подигнал на местото на кое денес се наоѓа селото.[2]

Сливница се граничи со следниве села: со селата Претор и Курбиново на север, со подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со атарот на селото Маловиште) на исток, со Арвати и Крани на југ и со водите на езерото на запад.[2]

Атарот на Сливница се простира на површина од 1037 хектари (околу 10,37 км2) и зафаќа ридско-планинско земјиште, обраснато со даб, бука и смрека, а на повисоките места постојат помали тревнати површини (планински пасишта). Од вкупната површина на атарот: 218,8 хектари се обработливо земјиште, 283,4 хектари пасишта и 489 хектари шума.[2][3]

Низ атарот на селото и во неговата непосредна близина (северно од него) тече поток Сливничка Река, а на околу 0,5 километри јужно од селото друг поток, Шуичка Река. Во летниот период двата потока целосно пресушуваат. Веднаш под селото се простираат цветни ливади, убаво обработени лозја, а во тесниот крајбрежен појас овошни насади и песочни плажи кои се надалеку познати и многу посетувани од капачи и туристи во летниот период. На 3 километри над селото во густ шумски предел се наоѓа познатиот Сливнички манастир.[2]

Сливница е село од собран тип со околу 50 куќи, старите целосно обновени, а има и новоизградени, безмалку сите наредени од двете страни на една иста асфалтирана улица. Преовладуваат белите фасади. Влезно-излезниот пат на селото е од западната страна, на која претежно и се развива.[2]

Историја

Сливница е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци.[2]

Во доцниот среден век на крајот на XVI и почетокот на XVII век, во 1607 година над селото бил изграден познатиот Сливнички манастир посветен на Пресвета Богородица.

Во XIX век, Сливница се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

Доста занимлив историски податок поврзан со селото е дека печалбарот Кузман Попов од Сливница во 1907 година, прв ја донел својата сопруга во Америка да готви храна за печалбарите од Преспа, кои таму работеле на изградба на железничка пруга, на тој начин прекршувајќи го дотогашниот обичај на печалба да заминуваат само мажите.[4]

До 1912 година, Сливница било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Селото активно учествувало во подготовките и текот на Илинденското востание. За селски војводи се спомнуваат мештанинот Ставре Поповски и Јонче Стасовски (од Љубојно). Во потерите на Турците по востаниците две куќие биле запалени. Во текот на турскиот период селото било често ограбувано и тероризирано од арнаутските разбојници.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Во ова време, сè до пробивањето на фронтот, Сливница со својата поширока околина било фортификациски значително утврдена од страна на Централните сили во Преспа. Фронтовската линија се наоѓала помеѓу селата Сливница и Претор при што во селата јужно од линијата се наоѓала француската војска (со војници од Алжир, Мароко), а на север германската и бугарската војска.[4]

Во 1916 година, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, сливничани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Во еден период на војната, кога селото се нашло во одбранбените позиции на бугарската војска, сливничани биле евакуирани во селата Рајца, Грнчари и Подмочани.[2]

За време на Првата светска војна градот Ресен во неколку наврати бил бомбардиран од француски авиони, при што во 1917 година над Преспанското Езеро во близина на Сливница и Претор се судриле германски и француски авион при што француското летало паднало во водите на езерото.[4] Во 1917 година до самата линија во Претор и Сливничкиот манастир во посета на своите војници дошле бугарскиот цар Борис и неговиот брат кнезот Кирил.[4]

По завршувањето на Првата светска војна, Сливница повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Сливница било дел од новосоздадената општина.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во овој период, селото било под непосредна контрола на балистичките сили на Муса Крања. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

За првпат во своето постоење, со училишна зграда селото се здобило во 1946 година (дотогаш учениците учеле во Крани), со задружен дом во 1951 година, со систем за наводнување во 1956 година, со електрична енергија во 1958 година, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1970 година, со асфалтен пат во 1987 година, со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Стопанство

Новоотворената песочна плажа, како и поглед на викенд-населбата покрај самиот брег на езерото

Најголем дел од населението кое живее во Сливница се занимава со земјоделство и сточарство. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на жита како пченица и пченка, додека во помали размери е застапено и градинарството пред сѐ одгледување на домат, пиперки, кромид, грашок, спанаќ на отворено за сопствени потреби, а делумно и за пласирање на пазарот во Ресен. Од сточарството најзастапени се одгледувањето на кози и крупен добиток како крави и волови во помал број.

Најзначајна стопанска гранка како и во поширокиот преспански регион е овоштарството, односно одгледувањето на јаболка (најмногу од сортите ајдаред, златен делишес и грени смит) на бројните јаболкови насади, а во помали размери и огледувањето на цреши, сливи, вишни и круши.

Поради поволната местоположба крај Преспанското Езеро дел од населението се занимава и со риболов, туризам односно изнајмување сместување на туристи или работа во блиските туристички и угостителски капацитети крај езерото.

Сливница е познато печалбарско село со голема традиција, па така дел од населението работи на печалба во странство во индустријата, градежништвото, автопревозот во САД, Канада, Шведска, а помал дел жители работат и други дејности во градот Ресен или се занимаваат со пчеларство и шумарство. Во селото постојат две продавници на стока за широка потрошувачка.[2]

Туризам

Во периодот по 1970 година, северозападно од селото, покрај брегот на езерото, била подигната викенд-населба со околу стотина убаво изградени викенд-куќи.[2]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948312—    
1953320+2.6%
1961310−3.1%
1971266−14.2%
1981323+21.4%
ГодинаНас.±%
1991208−35.6%
1994166−20.2%
2002188+13.3%
2021170−9.6%

Во текот на своето постоење, Сливница го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 28 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1865 година 10 христијански куќи (Ј. Хан); во 1889 година, 20 куќи и 158 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Сливница имало 126 жители, од кои 120 Македонци христијани и Македонци муслимани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сливница имало 190 жители.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Сливница се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 17 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]

Сливница е едно од четирите села во Општина Ресен и воопшто во поширокиот регион, кое е населено исклучиво со православни Македонци, кое забележало значаен пораст на бројот на жителите во однос на пописот од 1994 кога во селото живееле 166 жители.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Сливница имало 188 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 170 жители, од кои 167 Македонци, 1 Србин и 2 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година19001905194819531961197119811991199420022021
Население126190312320310266323208166188170
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

Селото Сливница е целосно населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Старински родови или родови за кои не се знае дали се доселени од некаде се: Босилковци, Диневци, Костовци, Калевци или Бибевци, Коруновци, Мишевци, Најдовци, Нечовци или Палашовци, Перовци, Секуловци или Поповци, Стојановци или Митревци и Чешковци.[2]

Доселени родови чие место на доселување е познато се: Младеновци кои се доселиле од Наколец и Наумовци кои се доселиле од Царев Двор. Семејни односно куќни слави се: Свети Никола - зимен, Митровден, Света Петка и Свети Јован.[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Пишовци со Стерјовци, Нушевци, Мишици, Бибевци, Костовци и Поповци (23 к.), Марковци со Нечовци, Босилковци и Коруновци (11 к.) и Чешковци со Трајчевци (4 к.)
  • Доселеници: Наумовци (2 к.) доселени се од селото Царев Двор, каде припаѓале на родот Пршиѕевци; Младеновци (1 к.) доселени се од селото Наколец.[15]

Општествени установи

  • Подрачно основно училиште[3]

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Сливница, се наоѓале и селата Арвати, Брајчино, Долно Дупени, Крани, Љубојно, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Крани, во која влегувале селата Арвати, Крани, Сливница и Штрбово.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1655 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 152 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

Манастирската црква во Сливничкиот манастир
Археолошки наоѓалишта[18]
  • Шуица — црква и некропола од средниот век;
  • Сливница — населба од римско време;
  • Крш Полена — вила рустика од римско време;
  • Кула — населба од доцноантичко време.
Цркви[19]
Манастири

Редовни настани

Култура и спорт

Иселеништво

Селото Сливница има голема традиција на печалбарство и иселеништво во прекуокеанските земји, долга повеќе од век и половина. Иселеници од Сливница живеат во САД (до 1949 таму се иселиле 6 семејства), Канада, Австралија, Шведска, Бугарија (2 семејства до 1949 година) и други земји.[15]

Галерија

Наводи

Надворешни врски