Сипката торбарка (науч.Remiz pendulinus) е мала врапчевидна птица од родот Remiz. Распространета е низ умерениот појас на Евроазија и САД. Ја има и во Македонија.За првпат видот беше опишан како Motacilla pendulinus од Linnaeus во неговата Systema naturae, 1758.[2]
Сипката торбарка е мала птица, долга 10-11 см, има распон на крилјата 16-18 см и тежи 8-13 грама. Има кафеавкави горни делови, посветли долни делови, сива глава и црна маска преку очите. Има полов диморфизам, мажјаците се со појаки бои, грбот им е прошаран со црвеникава нијанса, маската преку очите е поширока и го опфаќа и челото, а долните делови се со посветла крем боја прошарано со црвеникаво.
Кај женките грбот е еднобојно кремав, маската е многу потенка, а долните делови посветло крем, малку прошарани или воопшто, со црвеникаво. Младенчињата се целите светло крем, без маска на очите. Нозете им се сиви, клунот е прав, остар, елегантен и светлосив, очите темни, а пердувите на опашката и крилјата се темнокафеави обрабени со посветла кремава боја. Кај женките, основата на тие пердуви е малку посветла и посивкава.[3]
Живеалиштето на сипката торбарка се бреговите на езерата и реките со бујна крајбрежна вегетација или трски за гнездење, поретко во копното.
Гнездо во ПолскаRemiz pendulinus
Специфично за овој вид е изградбата на гнездото, од каде го добила и македонскиот назив. Гнездото е во вид на торба (висулец), обесено најчесто врз водна површина, и тогаш го прават пониско, на околу 1.5 - 5 метри, а ако не е над вода го градат повисоко, на околу 12 метри.Изградбата на гнездото го започнува мажјакот, тој ја прави основата, става јамка, а потоа му се придружува и женката. За изградба користат стебленца од тревки, цветот од трска, врбови ливчиња, животински влакна и сл. Надворешната структура на гнездото ја градат 4 недели, и тоа е долго 17 см, 10 см во пречник, влезниот тунел е 4-5 см, а самиот влез 25 мм широк. Ѕидовите на гнездото се многу силни, со дебелина од 20 до 25 мм. Тоа може да се уништи по 5-8 години, но најчесто самите птици го разрушуваат употребувајќи ги материјалите за ново гнездо. Не го користат истото гнездо двапати. Понекогаш ги несат јајцата пред гнездото да биде целосно довршено.
Леглото има просечно 6-7 јајца (3-16), жолтеникави со розова нијанса. Само женката ги инкубира јајцата 11-14 дена, а пилињата остануваат во гнездо 15-18 дена. Птиците имаат голема довреба во гнездото, па пилињата често ги оставаат сами. Кога започнува инкубацијата, мажјакот ги напушта и почнува да гради ново гнездо во близина со тенденција да формира нов пар. Тој не учествува во грижата за потомството. Во текот на летото тој може да има 3 гнезда, а женката има само едно. По оперјувањето, младенчињата може да останат со женката уште 1-2 недели, а потоа се групираат во јата.[4]
Во Европа полово зрела популација има 210.000-420.000 пара, односно 630.000-1.260.000 единки,[6] а Европа опфаќа 25-49% од глобалниот опсег. Според тоа, и опсегот и популацијата на овие птици е голема и не е во опаѓање, односно има благ раст, па во Црвениот список на МСЗП е класифициран како вид со најмала загриженост.[1]