Свети Паисиј Хилендарски

Македонски преродбеник

Паисиj Хилендарски (бугарски: Паисий Хилендарски) — преродбеник од Бугарија со македонско потекло.[1][2] Бугарската наука го смета за прв бугарски преродбеник и бугарски национален историчар со неговото дело „Исторїѧ славѣноболгарскаѧ“ напишано во периодот 1760 - 1762 година.

Св. Паисиj Хилендарски
Роден1722
Самоковска епархиja, Отоманско Царство
Починал1773
Асеновград,

Животопис

За животот на Паисиј се знае релативно малку. Се прифаќа дека е роден во 1722 година, се претпоставува во Банско[3] во богата трговска фамилија. За негово родно место претендираат неколку градови и села, бидејќи самиот не напишал точно од каде е. Денес за официјална верзија се смета онаа за која за првпат сведочи Неофит Рилски.[4] Теодосиј Гологанов исто тврдел дека архимандрит Исаија Серски (Тарлис, Серско, 1800 — Ковачево, Пазарџишко, 1880) му споделил за тоа како Неофит Рилски му раскажал за хилендарски калугер и негов соселанец од Банско, по име јеромонах Паисиј, кој пишувал за историјата Бугарите.[5] Официјално[6] е примена теорија дека потекнува од градот Банско во Пиринска Македонија.[7] Аргумент за тоа се бара во кондиките на манастирите во Атон, во кои пишува дека татковата куќа на неговите двајца браќа Лаврентиј и хаџи Влчо била токму во Банско.[8] Теоријата е спомната и во македонската наука.[9] Според други [10] тие се од различни татковци, а и нема докази дека Банско тогаш било дел од Самоковска епархија на Пеќската патријаршија, туку било додадено подоцна при Цариградската патријаршија. Недостигот на историски документи кои да го прецизираат родното место се надополнува од дијалектолошки анализи на неговиот говор.[11] Тие го поврзуваат со реоните на Самоков и Перник, за кои постојат и бројни легенди[12]. Хипотезите се однесуваат на селата Доспеј[13][14] и Кралев дол.[15]

Во 1745 година Паисиj станал монах во српскиот Хилендарски манастир во Атон, од каде и го добил прекарот Хилендарски. Бил испраќан да патува низ Балканот со цел собирање на парични помошти од христијанското население. Во 1761 по дела на манастирот патувал до Сремски Карловци во Војводина (тогаш во Австриското Царство), каде што било седиштето на српската Карловачка митрополија. Во неjзините богати библиотеки имал можност да прочита некои од познатите во оноj период историски книги за Балканот. Враќајки се во Хилендарскиот манастир, започнал да пишува историја на бугарскиот народ. По некои конфликти внатре во монашкото братство на Хилендар се префрлил во Зографскиот Манастир, каде во 1762 година ја завршил својата „Историја словенобугарска“.[16]

Податоците за животот на Паисиj по 1762 се малку и фрагментирани. Неоспорно е дека по завршувањето на историјата се вратил во Хилендарскиот манастир и за извесен период бил негов проигумен. Продолжил да патува, а сигурно документирани негови посети се во реоните на Самоков, Котел и Асеновград. Умрел во 1773 во Амбелино во јужниот дел на денешниот Асеновград.[17]

Паисиj Хилендарски е канонизиран за светец од Бугарската православна црква во 1962 година.

„Историја словенобугарска“

Препис на „Историја словенобугарска“ од 18 век

Во процесот на подготвувањето за создавање на словенобугарска историја Паисиj се запознал со некои од достапните во неговата епоха историски извори: житија на светци, летописни белешки, царски грамоти, сочиненија на Климент Охридски и Евтимиј Трновски, српскиот „Родослов“, руски публикации на „Пролог“ и „Кормчаја книга“, стематографиите на Павле Ритер Витезовиќ и Христофор Жефарович, а наjголемо влијание врз неговите општи идеи за историјата имале руските преводи на книгите „Дејанија церковнаја и гражданскаја“ од Цезар Барониј и „Книга историографија“ (со оригинално име „Царството на Словените“) од Мавро Орбини.[17]

По завршувањето на книгата Паисиј продолжил да патува и сам да ја распространува. За прв зачуван препис се смета преписот од 1765 година, порачан од богатите граѓани на Котел и направен од Софрониј Врачански. Вториот бил направен во 1771 година во Самоков од поп Алекси. За тие преписи се знае дека биле препишувани директно од оригиналот на Паисиj и во негово присуство. Од периодот до крајот на 18 век се познати околу 10 ракописни преписи, а до крајот на 19 век нивниот број е повеќе од 60. Вистинска историска вредност „Историја словенобугарска“ добила во првата половина на 19 век и натаму по неjзиното прво преработено печатено издание, направено од Христаки Павловиќ во Будимпешта во 1844 година со наслов „Царственик или историја болгарска“.[17] „Царственик...“, што вклучувало и некои делови од „Стематографија“ на Христофор Жефарович, а било користено како учебник по историја во преродбенските училишта.[18]Паисиj се смета за втемелувач и пропагатор на бугарското име и бугарскиот етнички карактер во Македонија.[19]

Политичка употреба

Неговото име често било користено за политички цели, како што е случајот со создадениот во 1927 година националистички сојуз “Отец Паисиј“, којшто подоцна ќе се изроди во нацистички, а негови членови во 1943 година ќе учествуваат во напади врз еврејски маала и ќуки.[20] Нешто подоцна ќе биде искористен од Тодор Живков за неговата нова политика кон Пиринска Македонија.[21]

Извори

Надворешни врски