Педро Фернандес де Кеирос

Педро Фернандес де Кеирос (шпански: Pedro Fernández de Quirós) (1563–1614) бил португалски морепловец во служба на Шпанија. Најпознат е по неговите патувања за откривање на места во Тихиот Океан, особено патувањето на Алваро де Мендања де Неира во периодот од 1595 до 1596, и по експедицијата која што ја водел (1605-1606 година) која го преминала Тихиот Океан во потрага по Тера Австралис.

Педро Фернандес де Кеирос
Слика од де Кеирос
Роден(а)1565
Евора, Португалија
Починал(а)1615
Панама
НационалностПортугалец
ЗанимањеМорепловец
Познат(а) поШпански откритија во Тихиот Океан

Биографија

Кеирос (или Кеирош како што се потпишувал) е роден во Евора, Португалија во 1563 година.[1][2] Кеирос како млад човек стапил во служба на шпанската морнарица и станал искусен морепловец и навигатор.[1]

Во април 1595 година, му се придружил како главен пилот на Алваро де Мендања де Неира на неговото патување за колонизација на Соломонските Острови.[3] По смртта на Мендања во октомври 1595 година, Кеирос ја презел командата и го спасил единствениот преостанат брод од експедицијата, кој пристигнал на Филипините во февруари 1596 година.[3]

Потрагата по Тера Австралис

Скулптура во Канбера

Кеирос на Филипините останал осумнаесет месеци, по што во 1598 година, преку Мексико, се вратил во Шпанија.[4] Откако се вратил во Шпанија, побарал од кралот Филип III да поддржи уште едно негово патување во Тихиот Океан, со надеж дека ќе најде голем јужен континент и да го прогласи за шпански.[4] Кеирос, исто така, го посетил Рим во 1600 година, каде што ја добил поддршката од папата Климент VIII за понатамошни истражувања.

Во март 1603 година, на Кеирос му било дозволено да се врати во Перу за да организира друга експедиција, која требало да ја пронајде Тера Австралис, митската „голема јужна земја“ и да ја присвои за Шпанија и за Црквата. Кеирос во Западни Индии доживеал бродолом, но стигнал до Перу во март 1605 година.[5] Групата на Кеирос од 160 мажи на три брода, Сан Педро и Сан Пабло (150 тони), Сан Педро (120 тони) и Лос Трес Рејес го напуштиле Каљао на 21 декември 1605 година.[6]

Во јануари 1606 година, експедицијата стигнала до Островот Хендерсон и Островот Дуси, а потоа и до Ракаханга (Северни Кукови Острови) и Островите Буен Виахе (Бутаритари и Макински Острови) во денешната островска држава Кирибати.[7] Исто така, можно е експедицијата да го здогледала Тахити и други острови во архипелагот Туамоту. Кеирос за малку ги промашил Маркиските Острови, како и Нов Зеланд, поради промената планираната маршрута.[8]

Во мај 1606 година, експедицијата пристигнала до островите кои подоцна ќе се нарекуваат Нови Хебриди, а денес познати како независна држава Вануату. Кеирос застанал на голем остров за кој сметал дека е дел од јужниот континент и го нарекол Австралија дел Еспириту Санто.[9] Овој остров сè уште се нарекува Еспириту Санто. Тој овде сакал да основа колонија, која ќе се вика Нов Ерусалим.

По шест недели, бродовите на Кеирос пловеле по морето за да го истражат крајбрежјето. Ноќта на 11 јуни 1606 година, Кеирос во Сан Педро и Сан Пабло се одвоил од другите бродови поради лоши временски услови и не можел (или барем така подоцна рекол) да се врати и да се укотви во Еспириту Санто. Всушност, екипажот се побунил, а неповолните временски услови им го овозможиле бегството. Капетанот на Сан Педро и Сан Пабло, Диего де Прадо, кој бил запознат со плановите на екипажот веќе се префрлил на бродот Торес, а истото го сторил и хирургот на експедицијата. Бродот на Кеирос потоа заминал за Акапулко во Мексико, каде што пристигнал во ноември 1606 година.[10]

Две недели подоцна, неговиот поткомандант Луис Ваз де Торес, откако залудно го барал Кеирос, претпоставил дека Кеирос (или поточно екипажот на неговиот брод) решил да си замине,[11][12][13] и го напуштил Еспириту Санто. Торес во мај 1607 година стигнал до Манила, (центарот на Шпанските Источни Индии), а попатно го нацртал јужното крајбрежје на Нова Гвинеја пловејќи низ теснецот меѓу Австралија и Нова Гвинеја што денес го носи неговото име. Торес не знаел колку бил блиску до северниот брег на Австралија - веднаш зад хоризонтот од неговата рута.[14]

Подоцнежен живот

Педро Фернандес де Кеирос се вратил во Мадрид во 1607 година. Сметан како чудак, следните седум години ги поминал во сиромаштија, пишувајќи бројни извештаи за своето патување и молејќи го кралот Филип III за пари за ново патување. Тој за седум години на кралот му испратил преку 65 писма.[15][16] Конечно бил испратен во Перу со писма за препорака, но кралот немал намера да финансира нова експедиција, бидејќи кралскиот совет се плашел дека Шпанија не може да си дозволи нови откритија на Тихиот Океан.[14][15] Кеирос починал на пат, во Панама, во 1614 година.

Наводи