Мориси

Стивен Патрик Мориси ( /ˈ m ɒr ɪ s i / MORR -iss-ee ; роден на 22 мај 1959 година), естрадно познат по мононимот Мориси ― англиски пејач и текстописец. Стекнал популарност како фронтмен на рок-групата The Smiths, која била активна од 1982 до 1987 година. Потоа продолжил со успешна соло-кариера.


Како многу влијателна личност, Мориси се смета за клучна фигура во појавата на: инди-поп, инди-рок и бритпоп жанрот. Според анкета од 2006 година спроведена од Би-би-си, Мориси бил избран за втора најголема жива британска културна икона.[1] Неговите дела биле предмет на академски студии.[2][3] Тој бил контроверзна личност за време на неговата музичка кариера поради неговите искрени мислења и директно искажаните ставови; бил поборник за вегетаријанството и за правата на животните, а ги критикувал членовите на кралското семејство и истакнатите политичари.[4]

Живот и кариера

Детство, образование и почетоци на кариерата (1959–1981)

Стивен Патрик Мориси е роден на 22 мај 1959 година во Дејвихулм, предградие на Манчестер.[5] Неговите родители, Елизабет и Питер Мориси,[5] биле ирски католици [6] кои од од Даблин се преселиле во Манчестер една година пред неговото раѓање.[5] Во 1970 година, семејството се преселило во Стретфорд(гратче во Голем Манчестер).[5]

Во 1975 година се запишал на Техничкиот колеџ во Стретфорд, [5] каде што добил диплома по: англиска литература, социологија и општо образование. Односите меѓу неговите родители биле затегнати и тие се разделиле во декември 1976 година, при што неговиот татко се иселил од семејната куќа.

Мајка му била библиотекарка и го поттикнала интересот на Мориси за читање.[6] Тој се интересирал за феминистичка литература,[6] а особено му се допаднал ирскиот писател Оскар Вајлд, кој бил негов идол и кој ќе има силно влијание врз неговите подоцнежни дела.

Во 1970-тите, Мориси станал обожавател на глам-рок музиката и омилени му биле делата од англиските музичари како: Т. Рекс, Дејвид Боуви и Рокси Мјузик. Тој исто така бил обожавател на американските глам-рок музичари како: Sparks, Џобријат и New York Dolls. Преку интересот за New York Dolls, Мориси исто така станал фасциниран од поп-пејачките од 1960-тите,[7] како: Сенди Шо, Твинкл и Дасти Спрингфилд.[5]

На Мориси идол му бил американскиот глумец Џејмс Дин и објавил книга за него.

Откако го напуштил формалното образование, Мориси сменал неколку работни места. Голем дел од парите кои ги заработувал ги трошел на билети за концерти, при што бил на концертите од: Talking Heads, Ramones и Blondie.[5] Откако се запознал со гитаристот Били Дафи (ноември 1977), Мориси се согласил да стане пејач на неговата панк-група, Nosebleeds.[5] Групата набрзо се распаднала.[5]

По распаѓањето на Nosebleeds, Мориси и Дафи ѝ се придружиле на групата Slaughter & the Dogs. Мориси снимил четири песни со групата и тие биле на аудиција за договор за снимање во Лондон. Откако биле одбиени, Slaughter & the Dogs го смениле името во Studio Sweethearts, а Мориси ја напуштил групата.[8] Во 1981 година, станал близок пријател со Линдер Стерлинг, фронтменката на панк-џез ансамблот Ludus, а преку неа ги запознал Хауард Девото и Ричард Бун.[7]

Сакајќи да стане професионален писател,[6] Мориси размислувал за кариера во музичкото новинарство. Тој често пишувал писма до музичкиот печат и на крајот бил ангажиран од неделната публикација за музички прегледи Record Mirror.[7] Напишал неколку кратки книги за месната издавачка куќа Babylon Books: во 1981 година издал брошура од 24 страници што ја напишал за New York Dolls, која била продадена во 3000 примероци. Потоа ја напишал Џејмс Дин не е мртов, за починатиот американски глумец Џејмс Дин.[7] Мориси се вљубил во Дин и ја целата спална соба ја прекрил со негови слики.[6]

Тhe Smiths (1982–1987)

Во мај 1982 година, Џони Мар (со кого Мориси се запознал на концерт на Пети Смит во 1978 година) се појавил на прагот од куќата од Мориси и го прашал дали е заинтересиран да основаат група. Мар бил импресиониран од книгата што Мориси ја напишал за New York Dolls.[7] Следниот ден, Мориси му телефонирал на Мар за да ја потврди заинтересираноста за основање група со него.[7] Тие веднаш почнале да работат заедно. Мар ја компонирал музиката, а Мориси го пишувал текстот. Мориси го избрал името на групата „The Smiths“ и во интервју во 1984 година изјавил дека го избрал името „бидејќи е наједноставно име и сметав дека е време обичните луѓе во светот да си ги покажат лицата“.[7] Групата била комплетирана со приклучувањето на басистот Енди Рурк и тапанарот Мајк Џојс.

Откако дискографската куќа EMI Records ги одбила,[7] Мориси и Мар во 1983 година потпишале договор со независната издавачка куќа Rough Trade Records[7] и во февруари 1984 година го издале нивниот прв албум The Smiths. До 1987 година групата издала уште три студиски албуми, три компилациски албуми и многу неалбумски синглови.

Иако не биле многу популарни вон границите на Обединетото Кралство, денес критичарите ги сметаат The Smiths за најважна алтернативна рок-група која се појавила на британската незвисна музичка сцена во 1980-тите.

Во 1987 година групата го објавила вториот компилациски албум, The World Won't Listen.[9] И покрај ненамалената популарност, личните разлики во групата сосе сè позатегнатите односи меѓу Мориси и Мар, ја довеле групата на раб на распаѓање. Во јули 1987 година Мар ја напуштил групата, аудициите за негова замена не вродиле со плод и групата се распаднала.

Почетоци и популарност како соло-музичар (1988–1995)

По распаѓањето на групата Смитс (септември 1987 година), Мориси почнал да работи на неговиот прв соло-албум, Viva Hate.[5] Во февруари 1988 година, ЕМИ го издала првиот сингл од овој албум, „Suedehead“, кој се искачил на 5-то место на британската топ-листа за синглови, повисоко од кој било сингл од Смитс.[5] Албумот бил издаден во март 1988 година и стигнал до врвот на топ-листата за албуми во Велика Британија.[5]

По објавувањето на Viva Hate, Мориси го сменил неговиот метод на објавување музика. Наместо веднаш да продуцира следен албум, тој решил да издаде низа неалбумски синглови со надеж дека така ќе постигне поголем успех на пазарот. Така, тој во 1989 година ги објавил сингловите: „The Last of the Famous International Playboys", „Interesting Drug" и „Ouija Board, Ouija Board". Мориси ја отфрлил идејата за нов студиски албум и решил да издаде компилација од синглови и Б-страни. Неговиот втор соло-албум, Bona Drag, бил објавен на 15 октомври 1990 година и ги содржел сите соло синглови на Мориси до тој момент. Два сингла („Suedehead“ и „Everyday Is Like Sunday“) биле преземени од неговиот прв-соло албум. Албумот бил исто така значаен и по тоа што за прв пат песни од Мориси се пласирале на топ-листите во САД, ја лансирал кариерата на Мориси во САД и бил пресвртна точка во неговата кариера; почнал да ја губи популарноста во Обединетото Кралство, но постигнувал сè поголем успех во Америка.

Во март 1991 година, Мориси го издал неговиот втор соло-албум, Kill Uncle. Мориси ја започнал неговата светска турнеја Kill Uncle во Европа; на американскиот дел од турнејата тој ги распродал 18 000 билети во Лос Анџелес за петнаесет минути, побрзо од Мајкл Џексон или Мадона.[5] Во САД, тој распродал 25 од неговите 26 други концерти.[5] Бил и во Јапонија - каде бил фрустриран од строгиот став на властите кон обожавателите - а потоа и во Австралија, каде што откажал неколку концерти поради акутен синузитис.[5]

Во јули 1992 година, Мориси го издал албумот Your Arsenal, кој се искачил на второ место на топ-листата за албуми.[5] Албумот Vauxhall and I, издаден во 1994 година, се карактеризирал со меланхоличен тон и повторно се искачил на врвот на британските топ-листи. Овој албум се смета за најдобар негов соло-албум. Во август 1994 година, песната Interlude, во дует со Сузи Су (Siouxsie Sioux), станала хит.

Преселба во Лос Анџелес (1995–2003)

Откако му истекол договорот со ЕМИ, Мориси потпишал со RCA.[5] Со оваа издавачка куќа го објавил неговиот следен албум, Southpaw Grammar (август 1995 година).[5] Мориси се вратил во Island Records во 1997 година и во јули го објавил го синглот „Alma Matters“, а во август неговиот албум Maladjusted.[5] Во 1998 година повторно останал без договор за снимање со издавачка куќа.


Мориси ја напуштил Британија и купил куќа во Линколн Хајтс, Лос Анџелес. Во текот на следните неколку години тој ретко се враќал во Британија.[5] Во 2003 година бил емитуван документарен филм за Мориси под наслов „Важно е да се биде Мориси“; тоа било прво големо интервју на Мориси што се појавило на британска телевизија.[5][10] За време на интервјуто рекол дека работи на автобиографија[5] и ги критикувал реалните телевизиски музички емисии како Поп идол кои тогаш биле во зародиш.[5]

Повторна популарност (2004–2009)

Во 2003 година, Мориси потпишал со Sanctuary Records,[5][11] со кои во мај 2004 година го издал албумот You Are the Quarry.[5] Албумот се искачил на второ место на топ-листата за албуми во Обединетото Кралство и на 11-то место на топ-листата во САД. [12] Промовирајќи го албумот се појавил на Top of the Pops[5] и го дал неговото прво телевизиско интервју по 17 години.[5]

Мориси на настап во 2006 година

Осмиот студиски албум на Мориси, Rngleader of the Tormentors, бил снимен во Рим и издаден во април 2006 година. Дебитирал на прво место на топ-листата за албуми во Велика Британија и на 27-мо место во САД.[13] [14]

Мориси на фестивалот SXSW во 2006 година

Во декември 2007 година, Мориси потпишал нов договор со Decca Records, чии клаузули содржеле издавање на албум со најголеми хитови и нов студиски албум.[15] Greatest Hits се искачил на петто место на топ-листата за албуми во Велика Британија.[13] Неговиот деветти студиски албум, Years Of Refusal, бил издаден на 16 февруари 2009 година.

Во октомври 2009 година, бил објавен Swords, колекција од Б-страни објавени од 2004 до 2009 година.[16] На вториот концерт од турнејата во Обединетото Кралство за промовирање на Swords, Мориси колабирал на сцената во Свиндон,[17] и бил хоспитализиран. [18] По турнејата на Swords, Мориси ја исполнил својата договорна обврска кон Universal Records и останал без издавачка куќа.[19]

Следни албуми и книжевни дела (2010–2019)

Во април 2011 година, ЕМИ издала нова компилација, „Very Best of Morrissey“.[20] Турнејата на Мориси во 2012 година започнала во Јужна Америка и продолжила низ Азија и Северна Америка. Мориси имал концерти во Белгија, Италија, Грција, Турција, Израел, Португалија, Англија и Шкотска. Пети Смит и нејзината група биле специјални гости на концертот во Стејплс Центар во Лос Анџелес, а Кристин Јанг ги отворала сите концерти во САД.[21]

Мориси за време на неговиот настап на фестивалот Хоп Фарм 2011 година

Во јануари 2013 година, на Мориси му бил дијагностициран чир со крварење и неколку концерти биле презакажани.[22] На 7 март, Мориси бил повторно хоспитализиран, овој пат поради пневмонија на двете белодробни крила.[23] Една недела подоцна бил откажан остатокот од турнејата.[24]

Во октомври 2013 година, била објавена автобиографијата на Мориси, насловена како Автобиографија.[25] Објавувањето на книгата предизвикало контроверзии бидејќи на барање на Мориси била објавена од издавачката куќа Penguin Classics како „современа класика“ (нешто што многу ретко му се припишува на жив автор), при што некои критичари сметале дека ја девалвира издавачката куќа Penguin Classics.[26] [27] Мориси ја комплетирал книгата од 660 страници во 2011 година.[28] Книгата добила мешани критики: „Дејли телеграф“ ѝ дал рецензија од пет ѕвезди ја опишал како „најдобра напишана музичка автобиографија по <i>Хроники</i> од Боб Дилан “, а „Индипендент“ го критикувал „нарцизмот“ во книгата, како и нејзиниот статус како класика од Пингвин.[29] Книгата се искачила на прво место на британските топ-листи за бестселери; скоро 35 000 примероци биле продадени во првата недела.[30]

Во јануари 2014 година, Мориси потпиша договор за два албума со Сapitol Music.[31] Во јули го објавил албумот World Peace Is None of Your Business.[32] Во октомври, открил дека примил третман за Баретов рак на хранопроводникот . [33] [34]

Мориси настапува во Ројал Алберт Хол во март 2018 година

Во септември 2015 година, Penguin Books го објавил првиот роман од Мориси, Листа на изгубени.[35][36]

Во ноември 2017 година, преку BMG и неговата издавачка куќа Etienne, Мориси го издал албумот Low in High School.[37]

Два нови албума и необјавен албум (2020 – денес)

Мориси на настап во 2023 година

Мориси, кон крајот на март 2020 година, го издал албумот I Am Not a Dog on a Chain.[38] Во ноември 2020 година, договорот на Мориси со BMG истече и не бил обновен.[39]

На 29 октомври 2022 година, било објавено дека во февруари 2023 година Мориси ќе го издаде неговиот четиринаесетти соло-албум Bonfire of Teenagers.[40] Албумот со единаесет песни бил продуцирани од Ендрју Ват, а гостувале членовите од Ред Хот Чили Пеперс, Чед Смит и Фли. Меѓу гостите биле и Мајли Сајрус и Иги Поп кои пееле придружни вокали.[41]

На 8 декември 2022 година, Мориси објавил дека во јануари и февруари 2023 година ќе снима нов албум под наслов Without Music the World Dies.[42] На 20 февруари 2023 година, тој објавил дека албумот е завршен и ја открил листата на песни.[43]

Во 2024 година, „Interlude“, дуетот на Мориси со Сузи Су, бил повторно објавен на 12-инчен златен винил на 20 април 2024 година; бил достапен само во Обединетото Кралство и во (континентална) Европа.[44]

Личен живот

Во текот на неговата кариера, Мориси напорно се трудел да има приватен личен живот.[5] Долги години живее во Лос Анџелес, но исто така има куќи во Италија, Швајцарија и Велика Британија.[45] Во 2017 година, Лос Анџелес го прогласил 10 ноември за „Ден на Мориси“.[46]

Мориси се опишал себеси како поранешен католик [47] и ја критикувал Католичката црква.[5] Во 1991 година, рекол дека верува во задгробен живот.[5] Мориси е братучед на ирскиот фудбалер Роби Кин.[48][49] Љубител е и на бокс.[5] Мориси рекол дека има клиничка депресија поради што побарал професионална помош.[5]

Мориси како гласен застапник за благосостојбата и правата на животните,[47] станал вегетаријанец на 11-годишна возраст.[50] Тој вегетаријанството го објаснил со зборовите „ако сакаш животни нема смисла да ги повредуваш“.[51] Во 2015 година објавил дека е веган. Мориси е поддржувач на Луѓе за етички третман на животните (PETA).

Сексуална ориентација

Сексуалната ориентација на Мориси била предмет на многу шпекулации во британскиот печат за време на неговата кариера,[5] со тврдења дека бил целибат, фрустриран хетеросексуалец или бисексуалец. [47] Во писмо од 1980 година тој за себе и за неговата „девојка“ рекол дека се бисексуалци, но додал дека „мрази секс“.

Во 1997 година, Мориси изјавил дека го напуштил целибатот и дека е во врска со боксер.[6] Во неговата автобиографија било откриено дека се работи за Џејк Волтерс. Нивната врска започнала во 1994 година, а заедно живееле до 1996 година.[52] Мориси подоцна бил приврзан за Тина Дехгани.[52] [53] Во својата автобиографија Мориси ја спомнува и врската со помлад Италијанец, познат само како „Џелато“, со кого се обидел да купи куќа околу 2006 година.[54] [55]

Во едно интервју од 2015 година, Мориси изјавил: „Воопшто не се вклопувам во ниту една сексуална категорија, сметам дека луѓето не се сексуални, туку се интимни“.[56]

Наводи

Надворешни врски