Михо Михајловски

Михо Михајловски (Кичево, 25 октомври 1915 - Скопје, 28 март 2003) бил учесник во НОВ. Прогласен е за народен херој на Југославија на 1 август 1952 година.[1] Носител е и на Партизанска споменица 1941.

Михо Михајловски
Роден25 октомври 1915
Кичево
Починал28 март 2003
Скопје

Животопис

Михо Михајловски е роден во 1915 година во сиромашно семејство. По завршување на третиот клас, се вработил како трговски помошник во Кичево, а потоа учел електро-механички занает.[2] Потоа заминал во Белград.

До Априлската војна работел на Земунскиот аеродром, а потоа се вратил во родниот град и се вклучил во подготовките за оружено востание.

Учество во НОБ

Бил борец и водник на Првата македонско-косовска бригада. Како предводник на група доброволци, на 8 септември 1943 година извршил напад на касарната во Кичево, а три дена подоцна, на 11 септември 1943 година Кичево било ослободено. Со бригадата за заминал кон Гостивар, каде по тридневни борби, бригадата била приморана да се повлече.[3] Во декември 1943 година, Михо Михајловски добил задача со група борци да уништи една германска радио станица во селото Прждево, која пренесувала разговори меѓу штабовите во Грција и Скопје. Радио станицата ја чувале дваесеттина германски војници, но Михо и борците успеале да ја уништат.

Како заменик-командант на баталјон, учествувал во Февруарскиот поход во 1944 година. Во април 1944 година, Првата македонска бригада се наоѓала на пат кон Дебрца. Некаде помеѓу Ресен и Дебрца, бугарски единици и моторизирана полиција ја опколиле бригадата. Михо Михајловски со својот баталјон се бореле гради во гради со непријателот, и така го пробиле патот.[4] Во Пролетната офанзива, Михајловски се борел кај Локов, како и во конечното ослободување на Кичево, во септември 1944 година, при што бил тешко ранет.

За народен херој бил прогласен на 1 август 1952 година.[4]

По ослободувањето

По Ослободувањето извршувал значајни должности во ЈНА и во Секретаријатот за внатрешни работи.[5]

Поврзано

Наводи