Маракас

Маракас (Итал. La maraca; франц. Les maracas; герм. Maracas; рус. Мара́кас- /мара́ка; англ. Maraca.) понекогаш наречени румба шејкер или чак-чак,[1] е кубански фолклорен инструмент кој се користел при игри и танци (румба, фокстрот, танго). Подоцна инструментот влегува во составите на естрадните оркестри и се распространува на сите страни, а постепено го пробива патот и во симфонискиот оркестар.[2] Се појавуваат и во многу жанрови на карипската и латинската музика.

Маракас
Класификација

Инструментот марака вообичаено се користи во пар – по еден во секоја рака. Звукот на овие инструменти кои водат потекло од Латинска Америка, се добива со нивно отсечно тресење во ритам или подолготрајно во вид на тремоло. Инструментот е направен од тиква, дрво или пластични школки исполнети со семе, а современите, фабричките се изработени од алуминиум и дрво, со пречник од 5 до 15цм. Мараката е, всушност, еден вид штракало, кое во фолклорната традиција на одредени земји од овој континент доживува разновидни варијанти (на пр., кубанската претставува еден вид тиква чија шуплина е исполнета со ситни зрна или каменчиња) [3]. Генерално принципот на штракалата е еден од прастарите начини за произведување разновидни звуци и шумови, па оттука неговата голема застапеност во инструментариумот на примитивните народите и старите култури. Еден од инструментите кој е заснован на овој принцип е систрумот, за кој се смета дека води потекло од Стариот Египет, но многу рано се проширува и на Блискиот Исток и во средоземните земји.

Обредна традиција

Маракас (од гуарани mbaracás),[4] исто така познати како тамаракас, биле ѕвечарки за гатање; гатачки инструмент на бразилските Индијанци Тупинамба, пронајден и кај други индиски племиња (Гарифуна, Гварани) и на Ориноко и на Флорида. Ѕвечарките направени од лејката на тиква, имаат природна дршка, додека кај кружните тикви дршката се доправа.[5] Човечка коса понекогаш е прицврстена на врвот, а во неа се сече процеп за да претставува уста, преку која нивните шамани (паје) ја терале да ги изговори своите одговори. Внатре се вметнати неколку камчиња за да се добие звукот и се крунисува со црвените пердуви на guarás (црвен ибис). Секој човек имал своја марака. Се користела на нивните танци и за лекување на болни.[6] Андејските курандероси (исцелители) користат марака во своите обреди за лекување.[7]

Современите топки од марака се исто така изработени од кожа, дрво или пластика.[8]

Галерија

Наводи