Кивиук (Kiviuq) — неправилна месечина на Сатурн. Откриена е од канадските астрономи Џон Кавеларс и Брет Гледман[8] во 2000 г., кога ѝ е дадена привремената ознака S/2000 S 5.[9][10] Подоцна е наречен по јунакот Кивиук од ескимската (инуитска) митологија.[11]
Месечината има пречник од 16-17 км и кружи околу Сатурн на просечно растојание од 11,1 милиони километри, исполнувајќи едно свртување за 450 дена. Член е на таканаречената Инуитска група на месечини. Има светлоцрвена боја, со инфрацрвен спектар мошне сличен на месечините Сијарнак и Палијак од истата група, што оди во прилог на тезата дека сите тие настанале со распад на едно матично тело.[7][12]
Се смета дека Кивиук е во Козаина резонанција, каде циклично претрпува намален орбитален наклон и зголемена занесеноста и обратно.[13]
Замавот на светлинската крива на Кивиук е голем, поради што сјајноста му се колеба за 2 величини. Ова укажува на издолжен обик, а можеби и допирна двојка.[3]
На 30 август 2010 г. вселенското летало „Касини–Хајгенс“ ја измерило светлинската крива на телото на оддалеченост од 9,3 милиони километри. Според овие податоци, утврдено е дека вртежниот период му изнесува 21 час и 49 минути.[4]