Каталог „Хенри Дрејпер“

Хенри Дрејпер англиски: Henry Draper Catalogue, HD) — ѕвезден каталог објавен помеѓу 1918 и 1924 г. кој содржи спектроскопски класификација на 225.300 ѕвезди. Подоцна е дополнет со Додатокот „Хенри Дрејпер“ (Henry Draper Extension, HDE), објавен од 1925 до 1936 г. во кој се класификуваат уште 46.850 ѕвезди и со Дополнителните карти на „Хенри Дрејпер“ (Henry Draper Extension Charts, HDEC), објавени од 1937 до 1949 г. со уште 86.933 ѕвезди. Заклучно со август 2017 г. класификацијата опфаќа 359.083 ѕвезди[1][2] Првичниот каталог го опфаќа целото небо до привидна фотографска величина од 9; со додатоците се дополнети уште ѕвезди од извесни подрачја.[3] Овој каталог претставува пионерски напор за подредување на ѕвездените спектри, а неговите броеви се широко застапени во означувањето на ѕвездите.[4][5]

Класификација на ѕвездените спектри по Дрејпер[6]
СекиДрејперБелешка
IA, B, C, Dпреовладуваат водородни линии
IIE, F, G, H, I, K, L
IIIM
IVNне се јавува во каталогот
OВолф-Рајеови спектри со сјајни линии
Pпланетарни маглини
Qдруги спектри

Употреба и достапност

Ѕвездите во главнината на каталогот се со средна величина, до 9m (околу 115 од сјајноста на најслабите ѕвезди видливи со голо око). Додатоците ги покриваат ѕвездите до величина 11, избрани од извесни небесни подрачја.[3][7] Првичниот каталог ги води ѕвездите со броеви од 1 до 225300 (со претставката HD), подредени нагорно според нивната ректасцензија за епохата 1900,0. Првиот додаток почнува со 225301, а завршува со 272150 (со претставката HDE), а оној од дополнителните карти опфаќа ѕвезди од 272151 до 359083 (со претставката HDEC). Честопати се среќава само претставката HD, бидејќи бројчениот редослед е доследен и не прави забуна.[8] Означувањето според каталогот „Хенри Дрејпер“ е мошне распространето.[4]

Денес каталогот „Хенри Дрејпер“ е достапен преку службата VizieR на Центарот за астрономски податоци во Стразбур како каталог бр. III/135A.[9]

Поврзано

Наводи

Надворешни врски