Ержебет Батори

Ержебет Батори (унгарски: Báthori Erzsébet; словачки: Alžbeta Bátoriová; 7 август 1560 - 21 август 1614 година) [1] ― унгарска грофица и е една од најпознатите сериски убијци и вампиристи во историјата. Батори со уште четири нејзини слуги биле обвинети за мачење и убиство на стотици девојки и жени во перодот од 1590 до 1610 година.[2] Нејзините слуги биле изведени пред суд и осудени, а Батори била затворена во нејзиниот дом.[3] Била затворена во Чахтичкиот замок.[4]

Ержебет Батори
Копија од изгубениот оригинален портрет на Ержебет Батори од 1585 година
Роден(а)7 август 1560
Њирбатор, Кралство Унгарија
Починал(а)21 август 1614(1614-08-21) (возр. 54)
Чахтице, Кралство Унгарија (денес Чахтице, Словачка)
СопружникФеренц Надажди
Деца8

Обвиненијата изнесени против Батори од неколку историчари биле опишани како лов на вештерки.[5] [6] [7] Други автори, како Мајкл Фарин во 1989 година, рекле дека обвиненијата против Батори биле поткрепени со сведочење на преку 300 лица, а некои од нив понудиле и физички докази на мртви и затворени девојки пронајдени во моментот на нејзиното апсење.[8]

Приказните за Батори брзо станале дел од народниот фолклор.[9] Легендите со кои се опишуваат нејзините вампирски тенденции, како приказната дека се капела во крв на девици за да остане млада, обично настанале неколку години по нејзината смрт и се сметаат за неверодостојни.[3] Некои сметаат дека нејзиното дело е инспирирација за романот Дракула од Брам Стокер (1897),[10] иако белешките на Стокер за романот не нудат директен доказ за поткрепа на оваа хипотеза.[11]

Биографија

Ексед, езерото и стариот замок

Батори е родена во 1560 година на семеен имот во Нирбатор, Кралска Унгарија. Детството го поминала во замокот Ексед. Имала неколку браќа и сестри.[12]

Батори била воспитувана како калвинистички протестант.[4] Како дете научила латински, германски, унгарски и грчки јазик.[2] [13] Родена во привилегирано благородничко семејство, Батори била обдарена со богатство, образование и истакнат општествен ранг.[14]

На 13-годишна возраст, пред нејзиниот прв брак, Батори наводно родила дете.[15] Татко на детето било некое селанче, и наводно било дадено на посвојување на жена на која ѝ верувало семејството Батори.[15] Жената била платена за тоа, а детето било однесено во Влашка.[15] Доказите за оваа бременост се појавиле долго по смртта на Ержебет, преку гласини на селаните; и затоа валидноста на ова тврдење често се оспорува.

Портрети на Надажди и Батори од музејот во Чахтице

Во 1573 година, [12] Ержебет се свршила со грофот Ференц Надажди, моќен унгарски војник, а во 1575 г. се омажила за него.[16]

Свадбен подарок на Надажди за Батори бил Чахтичкиот замок, [12] сместен на Мали Карпати во близина на денешни Нове Место над Вахом и Тренчин во Словачка.

Во 1578 година, три години откако склучиле брак, Надажи станал главен командант на унгарската војска, и ги повел во војна против Османлиите. За време на војната Ержебет управувала со имотот на семејството. Таа се грижела за унгарскиот и словачкиот народ, давајќи им медицинска нега за време на Долгата војна (1593–1606), а Батори била задолжена и за одбрана на имотот на нејзиниот сопруг, кои лежел на патот кон Виена.

Ќерката на Ержебет, Ана Надажи, родена во 1585 година, а подоцна требало да стане сопруга на Никола VI Зрински. Другите познати деца на Ержебет се: Орсолија (Орсика) Надажи (1590 – непознато), која подоцна ќе стане сопруга на Иштван II Бењо; Каталин (Ката или Катерина) Надажи (1594 – непознато); Андрас Надасди (1596–1603); и Пал (Пол) Надажи (1598–1650), татко на Франц III Надасди, кој бил еден од водачите на заговорот на магнатите против светиот римски император Леополд I. Некои анали, исто така, укажуваат дека двојката имала уште еден син, по име Миклош Надажи, но тоа не може да се потврди, и може да бил братучед или да умрел млад, бидејќи не е наведен во тестаментот на Батори од 1610 година. Ѓерѓ Надажи, исто така, наводно е името на едно од починатите доенчиња Надажи, но и тоа не може да се потврди.

Ференц Надасди починал на 4 јануари 1604 година на 48-годишна возраст. Иако не е позната точната природа на болеста што довела до негова смрт, изгледа дека се појавила во 1601 година и прво предизвикувала исцрпувачка болка во нозете. Од тогаш, тој не закрепнал целосно, а во 1603 година станал траен инвалид.

Обвинувања

Ержебет Батори од уметникот Зај. Веројатно копија од друга слика која се наоѓа во Унгарскиот национален музеј, во Будимпешта (исто така направена од Зај).

Помеѓу 1602 и 1604 година, откако низ кралството се прошириле гласини за злосторствата на Батори, лутеранскиот министер Иштван Маџари јавно и пред судот во Виена поднел жалби против неа. [17] Во 1610 година, Матеја II го назначил Ѓерѓ Турзо, Палатин од Унгарија, да истражува. Во март 1610 година, Турзо им наредил на двајца нотари, Андрас Керештури и Мозес Цираки, [18] да соберат докази. [19] До октомври 1610 година тие собрале 52 изјави на сведоци; [18] до 1611 година, тој број се искачил на преку 300.

Се смета дека Батори почнала да ги убива ќерките на помалите благородници, кои родителите ги праќале во нејзиниот гинекеум за на дворецот да научат бонтон.[3]

Апсење

На 13 декември 1612 година, Никола VI Зрински го потврдил договорот со Турзо за затворањето на Батори и распределбата на имотот. [18] На 31 декември, Турзо во замокот Чехтице ја уапсил Батори заедно со четвори нејзини слуги, кои биле обвинети дека се нејзини соучесници : Доротја Семтеш, Илона Јо, Катарина Беника и Јанос Ујвари. Според писмото на Турзо до неговата сопруга, по неговата ненајавена посета пронашол една мртва девојка и друга жива „заробена“ девојка во замокот, [18] но нема докази дека ја прашале што ѝ се случило. Иако обично се верува дека Батори била фатена во чин на тортура, таа била на вечера. Прво, Турзо им изјавил на гостите и на селаните дека ја фатил Батори на дело. Сепак, таа била уапсена и затворена пред да се откријат жртвите. Тврдењето дека Турцо ја открил Батори облеана во крв е украсување на измислени наоди.[20]

Турзо разговарал со синот на Батори, Пол и со двата нејзини зета, Никола VI Зрински и Ѓерги Другет за понатамошната постапка.[18] Нејзиното семејство, кое владеело со Трансилванија, се обидело да го спречи губењето на имотот на Батори кој можело да биде запленет од круната по јавен скандал. Турзо, заедно со Пол и нејзините зетови, прво планирале да ја испратат Ержебет во женски манастир, но откако се прошириле гласините за нејзините постапки, тие решиле да ја задржат во строг куќен притвор.

Обвиненијата за убиство се засновале на гласини. Нема документ кој докажува дека некој во околината се пожалил на грофицата. Во овој временски период, ако некој бил повреден, или ако некој украл пиле, веднаш се пишувало писмо со жалба.[4] [6] [21] По апсењето на Батори имало две судења: првото било одржано на 2 јануари 1611 година, а второто на 7 јануари 1611 година [22]

Затворање и смрт

На 25 јануари 1611 година, Турзо напишал писмо до кралот Матија во кое наведува дека ја уапсиле Батори и ја затвориле во нејзиниот замок. Остатокот од нејзиниот живот го поминала во чахтичкиот замок, каде што починала на 54-годишна возраст.

Во септември 1610 година, Ержебет напишала тестамент во кој целиот свој сегашен и иден наследен имот им го оставила на своите деца.[18] Вечерта на 20 август 1614 година, Батори на својот телохранител му се пожалила дека рацете ѝ се студени, при што тој одговорил: „Не е ништо, госпоѓо. Само оди легни си“. Таа отишла да спие и следното утро била пронајдена мртва.[23] Била погребана во црквата во Чахтице на 25 ноември 1614 година, [23] но според некои извори поради што селаните се бунеле затоа што грофицата требало да биде погребана на нивните гробишта, нејзиното тело било префрлено во нејзиниот роден дом во Ечсед, каде што било погребано во криптата на семејството Батори. [24]

Народно творештво и култура

Случајот на Ержебет Батори бил инспирација за многу приказни во 18 и 19 век. Најчест мотив во овие дела било капењето на грофицата во крвта на нејзините девствени жртви за да ја задржи убавината или младоста. Оваа легенда во печатена форма за прв пат се појавила во 1729 година, во „Tragica Historia“ на језуитскиот научник Ласло Турочи, кој е прв пишан извештај за случајот Батори.[25] Приказната почнала да се оспорува во 1817 година кога за прв пат била публикувани извештаите од сведоците (кои се појавиле во 1765 година). Во сведоштвата не се наведувале бањи со крв.[26] Садистичкото задоволство се смета за многу поверодостоен мотив за злосторствата на Батори.[27]

Ержебет Батори во Гинисовата книга на рекорди се наведува како жена која убила најмногу луѓе, иако е непознат бројот на нејзините жртви. [28]

Наводи

Понатамошно читање

Надворешни врски