Дворце

село во Општина Сарај, Македонија

Дворце — село во Општина Сарај, во околината на градот Скопје.

Дворце

Поглед на селото Дворце

Дворце во рамките на Македонија
Дворце
Местоположба на Дворце во Македонија
Дворце на карта

Карта

Координати 42°5′53″N 21°10′9″E / 42.09806° СГШ; 21.16917° ИГД / 42.09806; 21.16917
Регион Скопски
Општина Сарај
Население145 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1062
Повик. бр.02
Шифра на КО
Надм. вис.450 м
Дворце на општинската карта

Атарот на Дворце во рамките на општината
Дворце на Ризницата

Географија и местоположба

Куќи во селото

Селото се наоѓа во крајниот северозападен дел на Скопската Котлина, во Жеденската Клисура, непосредно сместено на десната страна на реката Вардар. Се наоѓа во северниот дел на подрачјето на Општина Сарај, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Јегуновце.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 450 метри. Од градот Скопје е оддалечено 31 километар.[2]

Во непосредна близина на селото поминува регионалниот пат 2234, кој го поврзува Скопје со Полог.

Дворце е мало село, кое се наоѓа на мала тераса во проширен дел на Жеденската Клисура, на десниот брег на Вардар. Во минатото, мештаните пиеле вода од три бунари и една чешма. Околу селото месностите се ниви и слаба шума.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Дворце, Љуги Кишес (Црковен Дол), Ара те Реа (Нова Нива), Кодра Ливад, Рескиле и Кодра де Дисме (Средно Брдо).[3]

Селото има разбиен тип и е поделено на четири мали групи, оддалечено 300 до 400 метри.[3]

Историја

По народната традиција, Дворце некогаш било старо и големо село. Се велело дека било како град со продавници, еден манастир и војводско седиште.[3]

Покрај селото, на западната страна, се наоѓа возвишението Градиште, кое се наоѓа во атарот на соседното село Јегуновце. До Градиште се наоѓаат називите Марков Камен (Кепи Маркут) и Маркова Чешма (карстен извор), чии имиња биле добиени од Крале Марко.[3]

Староста на Дворце се гледа и по пишаните извори. Кјебир Мехмед-бег од Скопје на двајцата свои синови, покрај останатиот имот во Полог во 1470 година им дал и пасиште на Жеден. Пасиштето се простирало до патот што водел од Змииница (месност во атарот на Раотинце) до Удварце и до патот што водел од Раотинце до Удварце. Од Удварце (Дворце) границата била позади манастирот и од таму стрмно се спуштала во Вардар. Името Удварце сигурно се однесува на Дворце, што не се заклучува само по името, туку и споменувањето на другите месности.[3]

Старото христијанско и македонско село Дворце подоцна било уништено, а земјиштето околу селото го присвоил Албанецот Мемет-паша Дерал од Тетово. На неговиот чифлиг секое лето доаѓале да работат Македонци од Раотинце. Со аграрната реформа во 1920 година, земјата во Дворце мештаните од Раотинце ја добиле бесплатно, но подоцна настанал спор помеѓу споменатите селани и Алим-бег, син на Мемет-паша. Алим-бег ја присвоил земјата повторно во 1926 година и истата им ја отстапил на своите албански сонародници од родовите Љоковци и Ксуч, кои се доселиле од селото Котлина во Качаничката Клисура. Од таа година, Дворце повторно станало постојано село, но не македонско, туку албанско.[3]

Стопанство

За Дворце не е водена посебна катастарска евиденција, па точно не се знае неговата аграрна структура.[2]

До 1912 година, во шумите над Дворце доаѓале селани од Подбреге да сечат дрвја за огрев. Шумите непосредно над Дворце денес припаѓаат на македонското село Јегуновце.[3]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948154—    
1953152−1.3%
1961297+95.4%
1971252−15.2%
1981213−15.5%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
1994225—    
2002297+32.0%
2021145−51.2%

Дворце е мало село, коешто во 1961 година броело 297 жители, од кои 168 биле Албанци и 122 жители Срби, а во 1994 година селото броело 225 жители, албанско население.[2]

Пописот од 1991 година не бил одржан во селото Дворце, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, во селото Дворце живееле 249 жители, сите Албанци.[4]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 145 жители, од кои 141 Албанец и 4 лица без податоци.[5]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Дворце:

ГодинаМакедонциАлбанциТурциРомиСрбиОст.б.п.Вкупно
1948154
195301411000142
1961016801227297
1971120704400252
198102120001213
19910000000
199402240001225
200202490000249
2021014100004145

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

Денес, Дворце е албанско муслиманско село, иако во минатото во него живеело само македонско православно население. Денешните родови се чисто албански, додека некои се исламизирани и албанизирани Словени.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Доселеници:
    • Албански родови: Љок (5 к.), по потекло од фисот Красниќ во Северна Албанија, тие најпрвин дошле во селото Котлина кај Качаник, а од 1926 година постепено започнале да преминуваат во Дворце. Во Котлина имаат истоимени роднини. Во Дворце ги населил сопственикот на чифлигот Алим-бег; Ксуч (3 к.), по потекло од фисот Красниќ во Северна Албанија, тука дошле на ист начин и во исто време од Котлина кај Качаник како Љок. Во Котлина имаат истоимени роднини; Тош (1 к.), по потекло од фисот Бериша во Северна Албанија, тука дошле околу 1935 година преку селото Ижинце кај Урошевац; Муљак (1 к.), по потекло од фисот Красниќ во Северна Албанија, тука дошле во исто време со родот Тош преку селото Гајре кај Качаник; Дин (1 к.), дошле пред неколку години од селото Грачани во Скопската Котлина, а потекнуваат од Северна Албанија. Во Грачани имаат роднини кои припаѓаат на фисот Красниќ.
    • Исламизирани Словени: Вљаш (1 к.), дошле 1926 година од Котлина кај Качаник. Во Котлина имаат истоимен староседелски род.

Општествени установи

Поглед на џамијата

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Сарај, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Кондово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Идадија. Селото припаѓало на некогашната општина Ѓорче Петров во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Рашче, во која покрај селото Дворце, се наоѓале и селата Горно Свилари, Долно Свилари, Копаница, Радуша, Рашче и Рудник Радуша. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Радуша, во која влегувале селата Дворце, Радуша и Рудник Радуша.

Избирачко место

Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 2459 според Државната изборна комисија, сместено во простории на основното училиште.[6]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 237 гласачи.[7]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[8]
  • Градиште — градиште (кастел) од римско и доцноантичко време
Џамии[9]
Манастири[3]

Во минатото во селото постоел манастир, кој се наоѓал во денешниот источен дел на селото. По Првата светска војна, на манастириштето (се познавале ѕидови), сопственикот на чифлигот Алим-бег изградил штала, а потоа тука направиле куќи и некои од доселените Албанци.

Галерија

Поврзано

Наводи

Забелешки

Надворешни врски