Регионот Антофагаста (шпански: Región de Antofagasta) е еден од шеснаесетте административни единици од прв ред во Чиле. Тој е втор најголем по површина регион во Чиле, и во негов состав влегуваат три провинции: Антофагаста, Ел Лоа и Токопила. На север се граничи со Тарапака, на југ со Атакама и на исток со Боливија и Аргентина. Главен град на регионот е пристанишниот град Антофагаста; друг важен град во регионот е Калама. Најважна економска дејност во регионот е ископувањето на бакар.
Климата во Антофагаста е екстремно сушна, но е малку поблага во близина на брегот. Низ целиот регион речиси нема вегетација, освен во близина на реката Лоа и во оазите како Сан Педро де Атакама. Поголемиот дел од внатрешноста на регионот е покриен со солени низини, текови на тефра и на лава, а покрај брегот има шилести карпи.
Овој регион бил ретко населен од домородните народи Чанго и Атакамењос сè до масовната чилеанска имиграција поврзан со бумот на шалитра во доцниот 19 век. Поголемиот дел од регионот бил организиран како единствена крајбрежна територија на Боливија додека Чиле не го презел во 1879 година на почетокот на Војната за Тихиот Океан.
Долж Крајбрежните Кордилери се наоѓа Раседот Атакама. Областа на Крајбрежните Кордилери околу раседот е богата со железна руда и го претставува северниот дел од таканаречениот Чилеански Железен Појас.[3]
Просечните врнежи во Антофагаста изнесуваат само 1 мм годишно. Од брегот, источно од Чилеанскиот Крајбрежен Венец, се наоѓа јужно-централниот дел од пустината Атакама, најсувата пустина во светот. Источно од пустината, се наоѓа помалку сушниот пуна екорегион на Централните Анди. Околината на напуштениот град Јунгај е прогласена за најсуво место во светот.[4]
Поголемиот дел од населението живее на брегот во Антофагаста и Мехилонес, или во Калама во внатрешноста, центар на рударската индустрија.
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, пристигнале доселеници од Европа (претежно Хрвати, Италијанци, Шпанци, Грци, англиски, француски и португалски народи), од Левант и во помал број од Кина, Јапонија, Кореја, Перу и Боливија. Овие доселеници ја создале модерната култура на северот на Чиле, која содржи примеси на андски и мултиевропски одлики и е многу поразлична од традиционалната чилеанска култура.[5]
Рударството е главниот економски двигател на регионот.
Регионот Антофагаста е срцето на рударската индустрија, главниот извор на приходи од извоз на Чиле. Регионот придонесува со 53% од вкупното рудно ископување во Чиле, најмногу на бакар и по него следат: калиум нитрат, злато, јод и литиум. Рударската индустрија учествува со преку 90% од извозот на регионот.[6]
Риболовот исто така придонесува кон приходот на регионот.