Џун Алмеида

Џун Далзиел Алмеида (англиски: June Dalziel Almeida; 5 октомври 19301 декември 2007)[1] беше шкотски виролог која, со мало формално образование, стана доктор на науки и пионер во снимање, идентификација и дијагноза на вирусите.[2]

Џун Далзиел Алмеида
Роден(а)Џун Далзиел Харт
5 октомври 1930(1930-10-05)
Глазгов, Шкотска
Починал(а)1 декември 2007(2007-12-01) (возр. 77)
Бексил, Англија
ДржавјанствоБританско
НационалностШкотланѓанка
ПолињаВирологија, хистопатологија
УстановиКралска амбуланта Глазгов, Болница Св. Бартоломеј, Институт за рак Онтарио, Кралско медицинско училиште за постдипломски студии, Истражувачка лабораторија Велком
Познат поПионер во имуно-електронска микроскопија
Влијаел врзАлберт Капикијан
СопружникЕнрикес Розалио (Хенри) Алмеида (в. 1954), Филип Самуел Гарднер (в. 1982–94) (починат)
Деца1

Животопис

Џун Далзиел Харт е родена на 5 октомври 1930 во Глазгов во семејството на Џејн Далзиел (екс Стивен) и Хари Леонард Харт, возач на автобус. Го напушта училиштето на 16 години за да работи како хистопатолошки техничар во Кралската амбуланта Глазгов. Тогаш се преместува во Болницата Св. Бартоломеј за да ја продолжи својата кариера.[3]

На 11 декември 1954 се мажи со Енрикес Розалио (Хенри) Алмеида (1913–1993), венецуелски уметник со кого има ќерка, Џојс. Се преселуваат во Канада каде работи во Инстутутот за рак Онтарио како микроскопичар. Иако со мал број на формални квалификации, унапредена е во согласност со нејзините способности.[3] Публикациите ѝ оддаваат признание за нејзината работа во полето на идентификување на виралните структури. Нејзините способности се препознаени од А. П. Вотерсон, тогашен професор по микробиологија во Медицинското училиште Св. Томас, кој ја убедува да се врати во Англија и да работи во болница. Алмеида развива метод за подобро визуелизирање на вирусите преку употреба на антитела. Работи на Хепатит Б и грип.[4]

Џун ги прави првите слики од вирусот рубела користејќи имуно-електромикроскопија[5]. Дејвид Тирел и Алмеида работат на карактеризирање на нов тип вируси, сега наречени коронавируси.[6] Оваа фамилија вируси го вбројува и САРС вирусот.

Алмеида го следи Вотерсон во Медицинското училиште за постдипломски студии во Лондон, каде нејзините придонеси кон статиите се наградени со докторат. Ја завршува својата кариера во Велком Институтот.[4] Додека работи таму, нејзиното име се наоѓа на неколку патенти во полето на снимање на вирусите.[7] Го напушта Велком и станува инструктор по јога, но се враќа во улога на советник во доцните осумдесетти, кога помага да се снимат нови слики од вирусот ХИВ.[3] Објавува Прирачник за брза лабораториска вирусна дијагноза во 1979.[8]

Алмеида умира во Бексил од срцев удар во 2007.[4]

Наводи