Јанко Типсаревиќ (роден на 22 јуни 1984 година во Белград, Србија) е српскитенисер. Негово највисоко место на АТП листата е осмото место кое го постигнал на 2 април 2012 година.
Во неговата кариера, тој има освоено четири АТП титули, две фјучерс титули, и девет челинџер титули. Типсаревиќ исто така ја има освоено јуниорската титула на Отвореното првенство на Австралија.
Типсаревиќ има забележано две победи над Светскиот Бр. 1 играч, победувајќи го Новак Ѓоковиќ двапати. Тој исто така има забележано тринаесет победи над играчи кои се наоѓале во најдобрите 10: четири победи над Томаш Бердих, две над Енди Родик, и по една над Фернандо Гонсалес, Михаил Јужни, Давид Ферер, Џејмс Блејк, Гаел Монфилс, Енди Мареј и Хуан Монако. Тој исто така има забележано победи над поранешните Бр. 1 светски играчи: Карлос Моја, Марат Сафин, Лејтон Хјуит, и Хуан Карлос фереро. Веројатно негов најзначајен натпревар до денес бил натпреварот во 2008 од третото коло на Отвореното првенство на Австралија, каде што загубил од Роџер Федерер со 7–6, 6–7, 7–5, 1–6, 8–10.
Типсаревиќ почнал да игра тенис на шестгодишна возраст, а на осумгодишна возраст, почнал да тренира тенис во тенискиот клуб Нов Белград со рускиот тренер Роман Савочкин.
Како јуниор, тој ја освоил титулата на Отвореното првенство на Австралија во 2001 година во јуниорска конкуренција, искачувајќи се на првото место на јуниорската листа.
Јуниорски Гренд Слем резултати:
Отворено првенство на Австралија: Победник (2001) Отворено првенство на Франција: ЧетвртФинале (2001, 2002) Вимблдон: 3 Коло (2001) Отворено првенство на САД: -
Во 2001, тој го одиграл својот прв Дејвис куп натпревар за СФР Југославија, освојувајќи три бодови против Полска. Наредната недела, тој ја освоил својата прва титула на фјучрс турнирите во Белград. Во 2002, тој ја освоил и својата втора фјучрс титула, овојпат во Мексико.
Откако ја освоил својата прва титула од АТП Челенџер Серијата во Германија, тој го напраил своето АТП деби во Индијанаполис во 2003. Откако го победил својот српски колега Ненад Зимоњиќ во првото коло, во второто коло тој загубил од Евгениј Кафелников. Тој исто така за првпат настапил и на Гренд слем турнир, на Отвореното првенство на САД како квалификант. Тој загубил од 20-от носител, Марк Филипусис во првото коло. Во 2004, како квалификант, тој за првпат настапил и на Отвореното првенство на Франција и на Вимблдон, каде загубил во првото коло. Подоцна во годината, тој освоил две челенџер титули, една во поединечна конкуренција и една во игра на двојки.
Типсаревиќ играл на 15 АТП турнири во 2005 и влегол за првпат во првите 100 на АТП листата. Тој исто така стигнал до второто коло на Отвореното првенство на Австралија и на Отвореното првенство на Франција. Тој бил поразен од Доминик Хрбати во Мелбурн, во успеал да го победи на Ролан Гарос. Тој исто така стигнал до третото коло на Вимблдон, победувајќи ги Томи Хас и Јен-Хсун Лу, но потоа загубил од Томас Јохансон. Во двојки, заедно со Јири Ванек ја освоил титулата на челенџерот во Неапол. Заедно со Новак Ѓоковиќ тој стигнал до четвртфиналето во Умаг и во Мумбаи заедно со Маркос Багдатис.
Тој ја завршил 2006 како втор најдобар српски тенисер веднаш зад Новак Ѓоковиќ, и бил рангиран на 65-то место на АТП листата. Тој освоил четири челенџер титули, и стигнал до четвртфиналето во Нотингем, каде што загубил од Робин Седерлинг од Шведска.
Откако ја овоил титулата на челенџерот во Загреб во мај 2007, Типсаревивиќ се преселил на АТП серијата. Тој стигнал до третото коло на Отвореното првенство на Франција и до четвртфиналето во Хертогенбос. Тој исто така го остварил својот најдобар гренд слем резултат до тогаш, четвртото коло на Вимблдон. Тој сите три натпревари во првите три кола ги победил во пет сета, каде во третото коло успеал да спаси меч топка против полуфиналистот на Отвореното првенство на Австралија, Фернандо Гонсалес. Во четвртото коло бил елиминиран од Хуан Карлос Фереро во три сета.[1] Оваа негова низа од победи му го донела 48-то место на АТП листата, за првпат во најдобрите 50.
Во почетокот на 2008, Типсаревиќ го принудил Рожер Федерер во натпревар од пет сета на Отвореното првенство на Австралија, каде што загубил со 7–6, 6–7, 7–5, 1–6, 8–10. До тоа време, Федерер никогаш не одиграл петти сет кој се состоел од 18 гема. Натпреварот траел преку четири и пол часа. Со пласманот во третото коло во Мелбурн, Типсаревиќ се искачил од 49-то на 42-то место на АТП листата.
На Вимблдон, Типсаревиќ во второто коло го изненадил шестиот носител, американецот Анди Родик во четири сета победувајќи го со 6–7, 7–5, 6–4, 7–6. Потоа во третото коло забележал победа од 7–6, 7–6, 6–3 над 25-от носител Дмитриј Турсунов и втора година по ред влегол во најдобрите 16 на Вимблдон. Потоа во четвртото коло загубил од Рајнер Шутлер поради повреда на ногата.
Во октомври 2009, на Кремаљ Купот во Москва, тој се пласирал во своето прво АТП финале, победувајќи ги Даниел Колерер, Кристоф Рохус, Роби Џинепри и квалификантот Илија Марченко. Во финалето тој загубил од Микаил Јужни со 7–6, 0–6, 4–6.
И покрај разочарувачкиот пораз во своето прво АТП финале, тој повторно покажал добри игри наредната недела, и стигнал до своето второ полуфинале по ред (за првпат), овојпат во Виена, победувајќи ги осмиот носител Џон Иснер со 7–6, 6–4, Михаел Берер со 7–6, 6–1 и третиот носител Гаел Монфилс со 6–4, 6–7, 6–3 на патот до полуфиналето. Во полуфиналето, тој бил поразен од Јирген Мелцер со 6–4, 6–7, 4–6.
Дејвис Куп 2010 : Типсаревиќ за време на натпреварот против Чешка
Во 2010, тој одлично ја започнал сезоната со пласманот во полуфиналето на Ченаи Опен, каде што загубил од Марин Чилиќ, кој подоцна и го освоил турнирот. Тој стигнал до второто коло на Отвореното првенство на Австралија, каде што загубил од Томи хас во пет сета со 6–4, 4–6, 3–6, 6–1, 3–6. На Тениското првенство на Дубаи, тој го победил Андреас Сепи со 7–6, 7–5 во првото коло, а потоа го изненадил третиот носител, британецот Енди Мареј со 7–6, 4–6, 6–4. Подоцна во четвртфиналето, тој загубил од седмиот носител Микаил Јужни со 3–6, 4–6.
Во јуни, тој стигнал до своето второ финале од АТП серијата, во Хертогенбос. На патот до финалето тој остварил победи над Џереми Чарди, Арно Клеман, Питер Лучак, и над бранителот на титулата Бенџамин Бекер, но во финалето бил поразен од Сергеј Стаховски со 3–6, 0–6.
На Отвореното првенство на САД, Типсаревиќ го победил Оливер Рохус во првото коло, а потоа предизивикал големо изненадувње со победата над поранешниот шампион, седмиот носител Енди Родик во второто коло со 3–6, 7–5, 6–3, 7–6. Напредувајќи кон третото коло во Њујорк, тој се сретнал против Гаел Монфилс во натпревар кот траел три часа. Тој го загубил натпреварот со 6–7, 7–6, 2–6, 4–6.
По УС Опен, Типсаревиќ забележал клучни победи над Томаш Бердих и Радек Штепанек во полуфиналето од Дејвис Купот за Србија. Подоцна во финалето, Србија ја победила Франција со вкупни 3-2, за прва историска титула во Дејвис Купот. Во Базел, Типсаревиќ бил поразен од 2-от на АТП листата, Рожер Федерер со 3–6, 4–6.
Типсаревиќ игра во Дејвис Купот секоја година уште од 2000 година. За Југославија во 2001 и 2002, за Србија и Црна Гора помеѓу 2003 и 2006 и моментално за Србија од 2007. Во 2010, тој бил најзаслужен за пласманот на српскиот тим во првото историско Дејвис Куп финале откако го победил чехот Радек Штепанек во одлучувачкиот последен натпревар со 6–0, 7–6, 6–4, за победа на српскиот тим во вкупни 3–2 над чешкиот тим.
Типсаревиќ е роден во Белград, Србија (тогашна СФР Југославија). Неговиот татко, Павле, е професор, а неговата мајка, Весна, е домаќинка. Тој исто така има помлад брат, Вељко. Во 2006, Типсаревиќ дипломирал спорт и менаџмент на Белградскиот Универзитет.
Спортските работници и коментатори често ја спомнуваат љубовта на Типсаревиќ кон класичната литература како нешто необично за еден врвен спортист. На неговата лева рака, тој има тетовирано цитат, на јапонски јазик, од Достоевски ("Убавината ќе го спаси светот", од романот Идиот). Тој исто така има тетоважа на десната рака, која ги претставува првите две букви од имињата на неговиот татко, неговата мајка, неговиот брат, и себеси на катакана. Според најавувачите на УС Опен, Тед Робинсон и Џон Мекинро, тој исто така има истетовирано цитат од Артур Шопенхауер на неговиот грб.
Тој е во врска со Билјана Шешевиќ од 2007 година, и тие се венчале на 4 јули 2010 година. Во неговото слободно време, тој репродуцира музика како диџеј.